Отава ја зголемува воената помош за Киев за 482 милиони долари

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на средба во Канада со тамошниот премиер Џастин Трудо

Канада ќе и достави на Украина дополнителна воена помош во вредност од 482 милиони американски долари во следните три години, изјави премиерот Џастин Трудо за време на вчерашната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Трудо најави дека неговата земја ќе испрати инструктори да им помагаат на украинските пилоти во обуката за летање со борбени авиони Ф-16.

„Ќе продолжиме да работиме со нашите партнери, вклучително и во рамките на НАТО, за да обезбедиме непоколеблива поддршка. И ќе продолжиме да обезбедуваме економска поддршка за Украина во текот на следната година, за таа да остане силна, динамична и просперитетна демократска земја“, рече Трудо.

Во своето обраќање пред канадскиот парламент, Зеленски и се заблагодари на Канада за нејзината поддршка во војната против Русија и додаде дека помошта на Отава помогнала да се спасат илјадници животи.

Видете и ова: Зеленски во ненајавена посета на Канада

„Водството на Канада во санкционирањето на Русија за оваа војна и терор навистина ги охрабри другите во светот да го следат вашиот пример“, рече тој со силен аплауз.

Од почетокот на 2022 година, Канада одвои вкупно 5,9 милијарди долари помош за Украина, од кои една третина беа воена помош.

Зеленски отпатува за Отава од Вашингтон, каде во четвртокот апелираше до американските политичари да продолжат да го поддржуваат Киев, во време кога некои Републиканци изразија сомнежи за тоа дали Конгресот треба и натаму да им одобрува дополнителна помош.