Нетанјаху: Израел е на чекор до историски договор со Саудиска Арабија

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, покажува мапа за време на говорот на Генералното собрание на Обединетите нации, 22 септември 2023 година.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Генералното собрание на Обединетите нации во петокот на 22 септември изјави дека Израел е „на прагот“ на историскиот чекор што води до мировен договор со Саудиска Арабија, без да наведе јасен пат за значајните пречки за негово постигнување.

Тој покажа спротивставени мапи кои ја прикажуваат изолацијата на Израел во времето на неговото создавање во 1948 година и шесте земји кои ги нормализираа односите со него, вклучително и четири што го направија тоа во 2020 година.

„Нема сомнеж дека договорот го најави почетокот на новата ера на мирот. Но, верувам дека сме на прагот на уште подраматичен пробив, историски мир меѓу Израел и Саудиска Арабија“, рече Нетанјаху.

„Мирот меѓу Израел и Саудиска Арабија навистина ќе создаде нов Блиски Исток“, додаде тој.

Видете и ова: САД, Индија и Г20 најавија проект кој ќе ги поврзе Индија, Блискиот Исток и Европа

Постојат неколку пречки за таков договор, вклучувајќи го и барањето на Саудијците за напредок во создавањето на палестинска држава - што ќе биде тешко да се убеди владата на Нетанјаху, најрелигиозната и најнационалистичката во историјата на Израел, според Асошиетед прес (АП).

Саудијците, исто така, бараат одбранбен пакт со Соединетите Држави и сакаат помош за градење на сопствена цивилна нуклеарна програма, поттикнувајќи ги стравувањата од регионална трка во вооружување со Иран.

Мировните разговори меѓу Израел и Палестинците пропаднаа пред повеќе од една деценија, а насилството ескалира во изминатата година и половина, при што Израел вршеше чести воени упади во окупираниот Западен Брег, а Палестинците ги напаѓаа Израелците. Владата на Нетанјаху одобри илјадници нови населби на Западниот Брег, кои Израел ги освои во војната во 1967 година и кои Палестинците ги сакаат како главен дел од нивната идна држава.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој се обрати на Генералното собрание во четвртокот, не ги спомна директно напорите за постигнување договор за нормализација меѓу Израел и Саудиска Арабија. Но, тој ја повтори клучната улога на израелско-палестинскиот конфликт, кој само се влоши по потпишувањето на Авраамскиот договор.

„Грешат оние кои мислат дека мирот може да преовладува на Блискиот Исток без палестинскиот народ да ги ужива своите целосни и легитимни национални права“, рече Абас.