„Оваа година фокусот врз сите нас е можеби поголем од кога било претходно, а причината е во поразителниот факт дека најмал заеднички именител на емоционалната состојба на човештвото денес е ‒ стравот. Стравот од војни, од глад и сиромаштија, од пандемии, од еколошки катаклизми, страв за иднината на нашите најблиски. Ноторен факт е дека меѓународниот поредок е темелно разнишан на повеќе точки во светот“, изјави претседателот Стево Пендаровски од говорницата на Обединетите нации, во рамки на дебатата на Генералното собрание во Њујорк.
Тој нагласи дека агресијата на Руската Федерација врз Украина продолжува со несмалена жестокост што е, како што вели, флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и на принципите на меѓународното право, во континуитет. Според него, станува збор за најголемата безбедносна криза по Втората светска војна, со глобални последици кои, повеќе или помалку се чувствуваат на сите континенти и укажа дека со секој изминат ден, се зголемуваат страдањата на украинскиот народ, се уништуваат материјални добра и расте опасноста од ескалација.
„Најостро ја осудуваме агресијата врз Украина, како што тоа го направија и огромен број членки на нашата организација. Се залагаме за безусловно повлекување на руските окупаторски трупи и за почитување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, во рамки на нејзините меѓународно признаени граници. Повелбата на Светската асамблеја во таа смисла е кристално јасна - сите отворени прашања било каде во светот мора да се решаваат по мирен пат, со преговори и дијалог, со одрекување на употребата на сила“, рече Пендаровски.
Видете и ова: Украински ракетен напад врз седиштето на руската Црноморска флота на КримТој додаде дека војната во Украина е најеклатантен, но, за жал, вели, не и единствен пример, за заканите по светскиот мир и безбедност. Планетарната безбедносна архитектура, во чија основа е токму оваа организација, е посебно разнишана, посочува Пендаровски, кога држава, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации илегално напаѓа земја членка на истата организација.
„Не случајно, неодамна, генералниот секретар предупреди дека ризикот од нуклеарна катастрофа, денес е на највисоко ниво по завршувањето на Студената војна. Овој аларм од највисокото ниво на Организацијата треба да биде повик до секој разумен политички лидер за глобална мобилизација за зачувување на мирот, без сомнение, најголемата вредност на човештвото. Последен час е да замолкнат барабаните на војната, да се почитува Повелбата на Обединетите нации, тргнувајќи од независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, како темелен принцип и главен резон за постоењето на светската организација“, потенцира Пендаровски.
Мирот е во основата на сè, меѓутоа, светот е соочен со предизвици од различен формат и за нивно решавање, како што вели, не е доволно да има само мир меѓу државите, туку и меѓусебна доверба и соработка.
Тој укажа дека војната во Украина креира состојба на општа непредвидливост и кризи коишто меѓусебно се поттикнуваат, особено во снабдувањето со храна и енергенти.
Видете и ова: Украинците предупредуваат на тешка зимаНедостатокот од храна ги загрозува најсиромашните и се заканува во многу делови од светот да предизвика хуманитарни катастрофи со незабележани магнитуди.
Во тој контекст, изјави Пендаровски, „даваме целосна поддршка на напорите на генералниот секретар за враќање во сила на договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море, затоа што е целосно неприфатливо, храната и енергијата да се користат како оружје за остварување на воени или политички цели“.
Претседателот Пендаровски се осврна меѓу другото, и на значењето на глобалната солидарност, концепт кој, вели, не е нов, за што пример е Скопје кој по земјотресот од пред 60 години се крена од пепелта, благодарение на глобалната солидарност.
Видете и ова: Зошто е важен договорот за испорака на жито преку Црно Море?Потребно е, рече тој, и далеку порешително да се адресира проблемот на климатските промени и глобалното затоплување наведувајќи дека без сомнение, светот е исправен пред егзистенцијален предизвик, а единствениот успешен противодговор е можен, само ако сите се обединат во единствена платформа.
Најголемите закани на денешното време: геополитичките турбуленции, војните, тероризмот, климатските промени или масовните мигрантски бранови, се случуваат во период кога меѓународните организации и целиот мултилатерален систем минуваат низ криза на идентитетот или функционалноста, а најчесто и низ двете.
Пендаровски осврнувајќи се на развојот на Северна Македонија истакна дека од првиот ден на независноста на државата, пред повеќе од 30 години, земјава на најдобар можен начин ја манифестирала својата приврзаност кон принципите на мирот, продлабочената регионална соработка и решавање на отворените прашања по пат на дијалог.
Видете и ова: Државата слави независност во време на нови предизвици„Оваа година, претседаваме со ОБСЕ, во време исполнето со предизвици без преседан, но, и во такви услови, настојуваме да ја задржиме релевантноста на Организацијата, тргнувајќи од темелните принципи од Повелбата на ОН и Завршниот акт од Хелсинки. Остануваме меѓу најголемите промотори и на регионалната соработка во Југоисточна Европа, настојувајќи, истовремено, да ги исполниме критериумите за членство во Европската Унија, не подоцна од 2030-та година“, изјави Пендаровски пред учесниците на генералната дебата на 78-то Генерално собрание на ОН.