Спорот меѓу Полска и Украина околу увозот на жито нема значително да влијае на добрите билатерални односи, рече полскиот претседател Анджеј Дуда во петокот на 22 септември, обидувајќи се да ги намали тензиите меѓу двете земји.
Минатата недела Полска одлучи да ја продолжи забраната за увоз на жито од Украина, што ги разниша нејзините односи со Киев, иако дотогаш важеше за еден од нејзините најверни сојузници откако Русија ја нападна Украина во февруари минатата година.
„Не се сомневам дека спорот околу испораката на жито од Украина на полскиот пазар е апсолутен дел од севкупните полско-украински односи. Не верувам дека тоа може значително да влијае на нив, па мораме да го решиме ова прашање“, рече Дуда.
Видете и ова: Украина планира да ги тужи Полска, Унгарија и Словачка поради забраната за увоз на производиСловачка, Полска и Унгарија воведоа ограничувања за увозот на жито од Украина, откако извршната власт на Европската унија одлучи да не ја прошири забраната за увоз на тие земји и другите членки на блокот, Бугарија и Романија.
Овие земји тврдат дека евтината украинска земјоделска стока - наменета главно за транзит понатаму на запад и до пристаништата - се продава локално на штета на нивните земјоделци.
Европската унија, која ја воведе забраната во мај, минатата недела објави дека ја укинува забраната за увоз, тврдејќи дека „исчезнаа нарушувањата на пазарот во пет земји-членки“.
Прашањето за житото е особено чувствително во Полска, каде следниот месец ќе се одржат општи избори. Популистичката десничарска влада на партијата „Право и Правда“ има силна поддршка во земјоделските региони.
Киев соопшти дека ќе поднесе жалба до Светската трговска организација (СТО).
Видете и ова: Г20 ги повика Русија и Украина веднаш да обезбедат испорака на житоПолското Министерство за надворешни работи објави дека „притисокот врз Полска на мултилатерални форуми или испраќање жалби до меѓународни судови не се соодветни методи за решавање на разликите меѓу земјите“.
Украина одговори со тоа што го повика полскиот амбасадор и побара од Варшава „да ги остави емоциите настрана“ и да пристапи кон спорот „конструктивно“.
Претседателот Володимир Зеленски ги налути своите соседи кога на Генералното собрание на Обединетите нации изјави дека Киев работи на зачувување на копнените патишта за извоз на жито, но дека „политичкиот театар“ по ова прашање само и помага на Москва.
Се очекуваше Дуда да се сретне со Зеленски во Њујорк, но, таква средба не дојде. Во интервју во четвртокот, Дуда рече дека „атмосферата станала напната“ и дека е огорчен од зборовите на Зеленски.
Сепак, тој кажа дека тие се уште се пријатели и дека се надева дека ќе разговара лице в лице со Зеленски штом ќе добие шанса.
Видете и ова: Уште еден брод со жито исплови од УкраинаПоради руската инвазија на Украина, беше затворен преминот за транспорт на жито преку Црното Море, што ја направи Европската унија главна транзитна рута и извозна дестинација за украинското жито.