Официјална Москва луто реагираше на одлуката на Бугарија да го протера поглаварот на Руската православна црква во Софија, нарекувајќи го потегот „богохулен“ и „непријателски“ чин. Како одговор, Русија ја затвори канцеларијата на Руската православна црква во бугарската престолнина.
Руската државна новинска агенција ТАСС на 22 септември објави дека бугарскиот амбасадор во Москва, Атанас Крастин, ќе биде поканет во руското Министерство за надворешни работи на разговори за протерувањето на архимандритот Васијан и уште двајцата свештеници со белоруско државјанство, со образложение дека тие биле вклучени во „активности насочени против националната безбедност и интересите на Бугарија“.
Бугарската државна агенција за национална безбедност (ДАНС) објави дека тројцата свештеници работеле на „пресметано влијание врз општествените и политичките процеси во Бугарија во корист на руските геополитички интереси“.
Видете и ова: Што направил архимандритот Васијан пред Бугарија да го протера?Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека свештениците биле повикани во имиграциската служба на Бугарија на 21 септември и добиле известување да ја напуштат земјата во рок од 24 часа.
Во него се додава дека тројцата биле пренесени „како криминалци во возило со решетки“ назад во црквата за да ги спакуват своите работи и се додава дека ќе бидат пренесени до границата со Србија.
Бугарските власти не соопштуваат никакви детали за тоа каде се наоѓаат свештениците.
„Ние сме револтирани и шокирани од она што се случи“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, додавајќи дека одговорноста за „брзото влошување на руско-бугарските односи е целосно на бугарската страна“.
Руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, во интервју за државната телевизија додаде дека Русија нема да презема дејствија директно против бугарската црква во Москва.
Архимандритот Васијан - чие световно име е Николај Змејев - беше назначен за поглавар на Руската православна црква во Софија од Московската патријаршија во 2018 година, неколку дена откако рускиот патријарх Кирил ја посети Бугарија.
Видете и ова: Заедно со руските дипломати, непожелен во земјава е и руски архимандритВо Бугарија веќе неколку месеци се поставуваат прашања за улогата на архимандритот Васијан.
Претходно во септември пратеникот Атанас Атанасов го нарече свештеникот „претставник на руската разузнавачка служба во мантија“.
Во декември 2022 година, Руската православна црква во Софија се соочи со протести поради посетата на високиот претставник на Московската патријаршија, поканет од архимандритот Васијан.
Одлуката за протерување на тројцата свештеници доаѓа во време на сеопфатна руска инвазија на Украина, која беше поддржана од Руската православна црква.
Европската унија воведе санкции кон Москва како одговор, а Русија ги додаде земјите-членки на ЕУ, вклучително и Бугарија, на својата листа на „непријателски земји“.
Бугарија, членка на НАТО и на Европската унија, протера 70 руски дипломатски персонал во 2022 година, во потег што сериозно ги затегна дипломатските односи меѓу двете земји, кои беа блиски сојузници за време на комунистичката ера.