Бислимоски: Нема да дозволиме ценовна катастрофа со парното

Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика

Доколку не работи ТЕ-ТО ќе ни се случи ценовна катастрофа со топлинската енергија во Скопје, а ние тоа нема да го дозволиме. Затоа нема да носиме одлука за цената, се додека не добиеме уверување дека ќе биде поставен топловодот на мостот Беласица, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Нагласи дека доколку не се донесе одлука, ќе продолжи да важи постојната цена за парното греење.

„Во Град Скопје и во ЕСМ има разумни луѓе и сметам дека ќе се договорат“, рече Бислимоски и додаде дека е логички тој што е сопственик на мостот да даде дозвола ЕСМ дистрибуција на топлина да ги постави цевките кои се веќе донесени таму.

Видете и ова: ЕСМ подготвено да го санира топловодот на мостот „Беласица“

Бислимоски не очекува да поскапи цената што ја плаќаат граѓаните за комунален отпад откако РКЕ ја доби обврската да ја определува цената на оваа комунална услуга во сите општини во државата.

Не очекува ниту драстично да поскапи струјата во текот на грејната сезона на берзите и посочува дека кај нас ќе зависи од цената што ќе ја понуди ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум.

Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на мрежата за централно греење што ја покриваат топланите Исток и Запад. Дополнително уште околу 500 домаќинства во Чаир и Топанско поле се приклучени на мрежата која ја покрива топланата Скопје север.

Трите топлани имаат можност да работат на природен гас или на мазут, а по потреба и на дизел, додека когенеративната електрана ТЕ-ТО, која е во приватна сопственост, може да работи само на природен гас. Доколку таа работи задоволува 70 проценти од потребите за греење на скопјани, а останатите 30 проценти ги покриваат топланите Исток и Запад.