Зеленски во ненајавена посета на Канада

Украинскиот премиер Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе престојува во Канада, каде ќе се сретне со премиерот Џастин Трудо и ќе се обрати пред канадскиот парламент во Отава, соопшти кабинетот на Трудо.

Додека е во Канада, Зеленски ќе го посети и Торонто за да се сретне со канадските деловни лидери заради зајакнување на инвестициите на приватниот сектор во Украина, соопшти кабинетот на канадскиот премиер.

„Канада останува цврста во својата поддршка за народот на Украина кој се бори за својот суверенитет и демократија и за нашите заеднички вредности на почитување на владеењето на правото, слободата и самоопределувањето“, се вели во изјавата на Трудо.

Зеленски вчера беше во Вашингтон каде имаше средби со повеќе сенатори, како и со претседателот Џо Бајден, еден ден откако тој се обрати пред Советот за безбедност на ОН, првпат од почетокот на руската инвазија на Украина.

Но, дипломатските тензии се во пораст откако Зеленски ги критикуваше Полска, Словачка и Унгарија за забрана за увоз на украинско жито. Поддршката за украинските воени напори, исто така, станува контроверзна во некои земји. Републиканскиот скептицизам за финансирањето на војната расте во САД и покрај молбите на претседателот да не и го врти грбот на Украина.

Видете и ова: САД нема да ѝ испорачаат ракети АТАЦМС на Украина

Американскиот Конгрес сега одобри помош од повеќе од 110 милијарди долари за Украина, но анкетите покажуваат дека поддршката на Американците за понатамошното трошење е намалена.

Многу републиканци тврдат дека парите би биле подобро потрошени за домашни прашања, но за време на посетата на Зеленски, претседателот Бајден одобри дополнително финансирање за Киев во вредност од 325 милиони долари. Тоа вклучува надградба на противвоздушната одбрана, но не и на ракетите со долг дострел што ги бараше претседателот Зеленски.

Полска, исто така, во средата објави дека повеќе нема да испраќа ново оружје во Украина, туку ќе се фокусира на одбраната со помодерно оружје.