САД нема да ѝ испорачаат ракети АТАЦМС на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден, Вашингтон, 21 септември 2023 година

Соединетите Американски Држави (САД) ќе ѝ испорачаат на Украина значителна опрема за противвоздушна одбрана, соопшти на 21 септември Белата куќа, но американскиот претседател Џо Бајден нема да обезбеди ракети со долг дострел „АТАЦМС“ (ATACMS), кои украинскиот лидер Володимир Зеленски ги побара за време на посетата на Вашингтон.

Американскиот претседател одлучи да не ги испорача армиските тактички ракетни системи АТАЦМС, но не ја исклучи таа можност во иднина, изјави за новинарите советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

Тој рече дека американскиот претседател Џо Бајден на 22 септември ќе објави нов пакет кој ќе вклучува системи за воздушна одбрана и друго оружје за да му помогне на Киев пред тешката зима.

Видете и ова: Зеленски се среќава со лидерите на САД, во обид да ги притисне неволните републиканци

Зеленски, кој е во посета на Вашингтон, претходно во четвртокот рече дека за него би било „разочарување“ да замине без тие проектили.

Саливан рече дека благодарение на американската воена помош, украинските сили успеале „за три месеци да ослободат повеќе територии отколку што Русите биле во можност да окупираат за осум месеци“.

„Неколку големи градови во Украина денес не се под руска окупација или доминација. Прво, благодарение на храброста на украинските војници и украинскиот народ кој ги поддржува, но исто така, не безначајно, благодарение на материјалната поддршка што ја дадовме“, рече Саливан.

Зеленски во четвртокот ја посети Белата куќа, каде што беше пречекан од американскиот претседател Бајден. Тој претходно ги посети Пентагон и Капитол Хил и се сретна со високи воени претставници и сенатори.

Бајден и Зеленски со сопругите пред Белата куќа, Вашингтон, 21 септември.

Во Белата куќа, американскиот претседател и прва дама Џил Бајден ги пречекаа Зеленски и неговата сопруга Олена Зеленска. Претседателите потоа се ракуваа и им позираа на фотографите.

При влегувањето во Белата куќа, Зеленски рече дека оваа негова посета е „многу важна“.