Противниците на ерменската Влада се собраа вечерта на 21 септември во центарот на главниот град Ереван за да протестираат против, како што рекоа, несоодветната поддршка за етничките Ерменци во отцепениот азербејџански регион Нагорно-Карабах.
Опозициските лидери ги повикаа демонстрантите да ја блокираат главната зграда на Владата за да ја прекинат седницата на извршната власт, а некои го повикаа премиерот Никол Пашинјан да поднесе оставка.
По кратката офанзива на азербејџанските сили во Нагорно-Карабах, во четвртокот во Баку се одржаа преговори со ерменските сепаратистички партии во областа околу која Азербејџан и Ерменија спорат со години.
Азербејџанското претседателство ги оцени преговорите како конструктивни и додаде дека што е можно поскоро се очекува следната средба.
Во соопштението за медиумите се наведува дека се планира испраќање хуманитарна помош, храна и гориво во Нагорно Карабах.
Во вторникот Азербејџан започна воена операција во Нагорно-Карабах, која заврши по 24 часа со договор со Ерменците да го положат оружјето и да преговараат за реинтеграција на таа отцепена територија во Азербејџан.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во средата по потпишувањето на примирјето изјави дека Азербејџан „го обновил својот суверенитет во Нагорно Карабах“.
Во 2020 година, Ерменија и Азербејџан се судрија околу контролата на регионот Нагорно-Карабах, а конфликтот заврши со мировен договор со кој се призна победата на азербејџанските сили. Договорот е постигнат со помош на Русија.
Оттогаш руски војници се стационирани во Нагорно Карабах, но Ерменија долго време се жали на нивната неефикасност. Изолацијата на Русија на меѓународната сцена, поради конфликтот во Украина, го ограничува и просторот за маневрирање на Москва.
Нагорно-Карабах, територија на која живеат претежно Ерменци, се отцепи од Азербејџан, што доведе до војна која во текот на деведесеттите години од минатиот век однесе околу 30 илјади животи.