Османи – Бајден даде гаранција за продолжување на поддршката за Косово

Kosovo - President Joe Biden and First Lady Jill Biden participate in a photo line with leaders attending the United Nations General Assembly, Tuesday, September 19, 2023

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на 21 септември, изјави дека претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, дал силни гаранции за продолжување на американската поддршка за Косово.

Османи престојува во Њујорк, каде што учествуваше на официјалниот прием што го организираше претседателот Бајден на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.

„Во топол разговор со претседателот Бајден, претседателката Османи истакна дека постојаниот сојуз со САД е темел на слободата и државјанството на Косово“, се вели во соопштението на Претседателството на Косово, а пренесува косовскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Османи го повтори ставот дека партнерството со Америка е „егзистенцијално, неприкосновено и незаменливо“.

Таа го информирала претседателот Бајден за последните случувања и предизвици со кои се соочува Косово, соопшти Претседателството.

Османи на 20 септември во Њујорк се сретна со претставникот на Европската унија за дијалог Косово-Србија, Мирослав Лајчак, при што разговараше со него за последните случувања во овој процес, како и со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Посетата на претседателот Османи на САД доаѓа на околу една недела откако Косово и Србија не постигнаа договор во новата рунда преговори со посредство на Европската унија на 14 септември.

На крајот од средбата косовскиот премиер Албин Курти го обвини Лајчак за едностран пристап, во согласност со ставот на Србија, но ЕУ ги сметаше тие обвинувања за неосновани.

Видете и ова: Апсења за воени злосторства во Косово, Србија вели дека се „политички мотивирани“


Османи на средбата со Лајчак ја споменала и потребата од укинување на казнените мерки на ЕУ кон Косово, кои, според неа, ги погодуваат граѓаните на Косово.

Лајчак на 20 септември во објава на социјалната мрежа Х, поранешен Твитер, рече дека се договорил со Османи да продолжи дискусијата на оваа тема.

Пред неколку месеци, ЕУ воведе казнени мерки против Косово, по порастот на тензиите на северот на Косово.

Во северните општини со српско мнозинство, локалното население не ги прифати новите градоначалници Албанци, а ситуацијата во одредени моменти насилно ескалира.

Од Косово беше побарано да работи на деескалација и да ги координира понатамошните чекори со меѓународната заедница.