Трет ден препукувања Мицкоски - Груевски

Архивска фотографија - Христијан Мицкоски и Никола Груевски

Трет ден по ред продолжуваа јавните препукувања меѓу сегашниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Никола Груевски.

„Партијата никогаш не била покохезивна“, изјави Мицкоски по теренските активности во Новаци и изрази згрозеност и остро ги осуди наводите за „оската Ахмети-СДСМ-Груевски за обезбедување на пратеници“.

На тоа Груевски, кој е во азил во Будимпешта, преку Фејсбук, одговори со контра напад, порачувајќи дека е цел на жестоки напади „во време кога Мицковски и Заев повеќе од половина година не ги негираа објавите на медиумите за нивна блиска соработка и заеднички планови“.


Груевски на Фејсбук им порачува на членовите на партијата, активистите и сите во раководството, „да размислуваат со своја глава“ и дека има „многу начини да ја изразат лојаноста кон партијата без да станат дел од нечесни игри“.

Фејсбук препукувањата меѓу сегашниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ почнаа откако Мицкоски во изјава за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг" истакна дека Груевски се наоѓа во тајна комуникација со Владата и оти „за да издејствува уставни измени, Владата подготвува валкани дилови“.

Видете и ова: Од меѓупартиски обвинувања до внатрепартиски раздори за уставните измени

Мицкоски вели дека Владата планира да му вети кривична неказнивост на Груевски, кој побегна во Унгарија во 2018, за да поминат уставните измени во Парламентот. Тој побара и доби политички азил, откако побегна од земјата во која се водат повеќе кривични постапки против него. Со новите измени на Кривичниот законик, изгласани пред две недели, пак, најголем дел од постапките против него ќе застарат.

Препукувањата доаѓаат во време кога од пратениците во Собранието се очекува да изгласаа уставни измени, со кои, меѓудругото во Уставот ќе бидат вметнати и Бугарите. Тоа пак е барање што земјава се согласи да го исполни, ако сака да го продолжи интегрирањето во Европската унија.