Вучиќ во ОН го обвини Западот дека го крши меѓународното право во случајот со Косово

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во ОН

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во обраќањето пред Генералното собрание на ОН, ги обвини западните земји дека со признавањето на независноста на Косово „брутално ја погазиле“ Повелбата на Обединетите нации и Резолуцијата 1244, како и дека „ги негирале сите принципи што денеска ги бранат“.

Сепак, посочи тој, Србија и сите нејзини институции работат на зачувување на дијалогот со Приштина под покровителство на Европската унија.

„Тоа е наша задача. Дијалогот е можен само ако сите ние, вклучително и европските посредници, цврсто се држиме до договореното. Нерамнотежата, на која Србија секогаш мора да попушти, не води до решение на проблемот. Напротив“, рече Вучиќ.

Во ОН, Вучиќ ги обвини властите во Приштина и премиерот на Косово, Албин Курти, за зголемено етнички мотивирано насилство врз Србите.

Србија не ја признава независноста на Косово, прогласена во 2008 година.

Резолуцијата 1244 на Обединетите нации, на која се повикува Белград, стави крај на војната во Косово. Меѓу другото, го пропишува мандатот на мировната мисија на НАТО КФОР, со цел заштита на сите граѓани на Косово.

Српската полиција и југословенската војска се повлекоа од Косово во летото 1999 година по потпишувањето на Кумановскиот договор, со кој заврши бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија.

Бомбардирањето беше иницирано поради злосторствата извршени од страна на српските воени и полициски сили врз косовските Албанци.

Високи српски функционери беа осудени за воени злосторства врз Албанците на Косово пред меѓународниот трибунал во Хаг.

Видете и ова: Џозеф: Вучиќ и Курти имаат корист од кризата на Kосово


Во оспорувањето на независноста на Косово, Србија има поддршка од Русија и Кина, членки на Советот за безбедност на ОН со право на вето.

Во својот говор пред ОН, Вучиќ изјави дека Србија „го поддржува и ќе го поддржи“ територијалниот интегритет на Украина.

„Затоа што не ги менуваме нашите принципи и политика, без оглед на нашето вековно традиционално пријателство со Руската Федерација“, рече тој.

Тој додаде дека оние кои извршиле агресија врз Србија и држат на Србија „проповеди за територијалниот интегритет на Украина“.

Видете и ова: Шари: Кремљ се грижи дека на Балканот секогаш гори мал оган


„Кога ќе ги прашаме за територијалниот интегритет на Србија и што ѝ направија на мојата земја, одговорот е оној што сите вие претставници на малите земји во светот го слушнавте безброј пати - не се враќајте во минатото, погледнете во иднината, бидејќи тоа е единствениот начин вашата земја да напредува“, рече Вучиќ.

Тој посочи и дека Србија го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на сите земји-членки на ОН.

„Затоа, тешко ми е да разберам како некои не се доследни кога станува збор за потребата од почитување на територијалниот интегритет на Србија и како не разбираат дека селективната примена на принципите води до изразени поделби, недостаток на солидарност и меѓусебно разбирање“, додаде тој.