Бугарија го протера рускиот свештеник Васијан, потврди Москва

Aрхимандритот Васијан Змеев.

Црковниот претставник на Московската патријаршија во Софија, архимандрит Васијан е протеран од Бугарија поради „закана за националната безбедност“. Покрај него, протерани се уште двајца црковни службеници, соопшти руската амбасада во Бугарија.

„[Бугарските власти] сметаа дека отец Васијан е закана за националната безбедност“, изјавија руски дипломати, пренесува руската новинска агенција ТАСС, каде што за прв пат беше објавена веста.

Руската амбасада ги опиша протерувањата на тројцата црковни службеници како „груби, флагрантни дејствија“ и изрази револт од одлуката.

Бугарскиот сервис на Слободна Европа побара потврда за протерувањето на архимандритот Васијан од бугарското Министерство за надворешни работи (МНР), но нема одговор оттаму.

На 17 септември тројца руски дипломати беа прогласени за персона нон грата од Северна Македонија. Според македонските медиуми и копретседателот на „Демократска Бугарија“ Атанас Атанасов, еден од нив е токму архимандритот Васијан (Змеев).

Информациите за протераните дипломати во петокот ја пренесоа руското МНР и руската амбасада во Скопје. Ден подоцна тоа го потврдија и од македонското МНР. Ниту едно име не е официјално именувано.

Видете и ова: Заедно со руските дипломати, непожелен во земјава е и руски архимандрит


Информацијата дека еден од протераните е архимандрит Васијан, во петокот ја објави веб-страницата dveri.bg.

Според неа, „неофицијално Змеев ја координирал целата политика на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во однос на нејзината црковна дипломатија во текот на минатата година.

Според Атанас Атанасов, архимандритот Васијан ја посетил Северна Македонија „за извршување на функциите на руското разузнавање со цел воведување раскол во македонската црква“.

На 18 септември митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Светиот синод, владиката Тимотеј за „А1он“ рече дека највисокото тело на МПЦ-ОА не е запознаено со овој случај.