Фејсбук „војна“ со статуси меѓу Мицкоски и Груевски

Илустрација, Христијан Мицкоски и Никола Груевски

Сегашниот и поранешниот лидер на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и Никола Груевски се „тркаат“ со преписки на социјалната мрежа Фејсбук за тоа кој и како договара уставни измени, откако Мицкоски во интервју за германски Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) обвини дека неговиот претходник Груевски тајно комуницира со Владата за да се протуркаат уставни измени.

Последниот збор за сега го има Груевски, кој на својот профил му одговара на Мицковски на последниот статус, за кој како што пишува е одговор, на претходна негова прозивка. Според него Мицкоски нема аргументи и докази за обвинувањата изнесени во интервјуто, туку се што тврди е „рекла-казала“ и додатно го прашува дали тоа е политика и дали тоа е партија и единство во неа?

„Раздорот го направи тој со моето прогласување за нов непријател и жестокиот напад без да се даде најмала причина. Заев го направи најголем пријател и сојузник, мене кој цел живот го бранам националните, државните и партиските интереси, и само добрини сум му направил во животот ме прогласи за непријател. По ова мерете му го умот!“, напиша Никола Груевски, поранешен лидер на ВМРО ДПМНЕ.

Видете и ова: Амнестиите изгубени во политичкиот пазар

Наследникот на Груевски, Мицкоски во интервјуто рече дека Владата планира да му вети кривична неказнивост, кој побегна во Унгарија во 2018, за да поминат уставните измени во Парламентот. Тој побара и доби политички азил, откако побегна од земјата во која се водат повеќе кривични постапки против него. Со новите измени на Кривичниот законик, пак, најголем дел од постапките против него ќе застарат.

Во последниот статус , а е испровоциран исто така од претходна прозивка на фејзбук од неговиот претходник, повторува дека нема намера со јавни преписки да биде дел од сценариото за создавање раздор во корист власта. Му „ветува“ дека еден ден кога ќе се видат очи во очи ќе му каже и детали ако е подготвен да ги чуе.

„За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018та, ова е друго време. Како велеше, "вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе", а вистината ја знаеме и јас и ти, но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно.“, напишал Мицкоски.

Видете и ова: Интензивна дипломатија за уставни измени - кај власта оптимизам, ВМРО-ДПМНЕ против


За сега двајцата лидери си посветија три статуси еден на друг во прозивки, а последен прозван е Мицковски од страна на Груевски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пред околу осум месеци во Будимпешта имало тајна средба, а во преговорите учествувале високи претставници на СДСМ, еден министер од ДУИ и Груевски кој е бегалец во Унгарија.

Инаку се поинтензивни се изјавите на политичарите, за тоа кој со кого правел „дил“ за евентуално помилување преку измени на Кривичниот законик но и преку предлогот за носење на Законот за амнестија