Лажните вести кои ги шират различни руски центри се можна опасност за да се намали довербата во институциите на земјата. Ова е ставот на Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска искажан на форумот „Дезинформациите и руската агресија во Украина: закани, импликации и како да се спротивставиме на лажните и погрешни содржини во Западен Балкан со фокус на Северна Македонија“ што го организираше невладината „Нексус“. Според министерката ваквата појава може да создаде и поделба меѓу граѓаните на национална основа.
„Дезинформациските текови во Западен Балкан укажуваат на поврзаноста меѓу странските штетни влијанија и домашните актери кои користат дезинформациски наративи чија цел е дестабилизација на регионот и попречување на европските и евроатлантските интеграции на државите од Западен Балкан. Дезинформациите не се само медиумски проблем, тие се и безбедносен проблем“, рече министерката.
Видете и ова: Кога македонските тролови маршираат: Ура за нашиот, бесилка за вашиотДезинформациите и лажните вести не се само проблем за медиумите, туку претставуваат и безбедносен проблем со кој се соочуваат не само земјите од Западен Балкан, туку и пошироко, нагласи Петровска.
Од друга страна, Афродита Муслиу од невладината НЕКСУС вели дека државните институции немаат механизми да се спротивстават на нападите од лажни вести. Впечаток е дека поради слабиот отпор на напливот на дезинформации во вестите сме чувствителни и лесно под влијание на надворешни влијанија.
„Тука има и внатрешна поларизација која создава конфузија и недоверба кон работата на власта, западните вредности и истовремено го обновува евроскептицизмот“, изјави Афродита Муслиу од невладината организација Нексус.
Никола Дујовски, од факултетот за безбедност, вели дека останува загрижувачки фактот што мислењето на младите во Северна Македонија е поделено за тоа кој е виновен, односно дали Русија извршила или не агресија во Украина.
Видете и ова: „Репортери без граници“ - Со дезинфомации и непрофесионализам до недоверба во медиумите
„Повеќе истражувања што се направени во Северна Македонија покажуваат дека младите овде се поделени, оние кои ја поддржуваат Русија во војната во Украина и оние кои ја поддржуваат Северна Македонија на патот на европската интеграција и имаат позитивно мислење за политиките на НАТО и ЕУ кон Украина, за жал ова е вистината на нашата реалност“, потенцира Дујовски.
Додека Ненад Марковиќ, универзитетски професор за меѓународни односи, оценува дека одолговлекувањето на процесот на интеграција е она што му дава простор на проруското расположение во земјата.