Иранките кои го прекршуваат строгиот исламски кодекс на облекување, кој наложува покривање на главата и скромна облека, може да бидат затворени до 10 години според законот одобрен од иранскиот парламент во средата.
Предлог-законот, кој ги заострува казните за прекршување на кодексот на облекување, беше одобрен четири дена по првата годишнина од смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина во притвор откако беше уапсена поради наводно кршење на правилото за хиџаб.
За законот „Поддршка на културата на хиџаб и целомудрие“ за пробен период од три години гласаа 152 пратеници, 34 беа против, а седум беа воздржани. Предлог-законот сè уште треба да биде одобрен од Советот на чувари.
Видете и ова: Иран осуди две новинарки на затворПо смртта на Амини, според АФП, сè поголем број Иранки може да се видат во јавноста без хиџаб или во облека што се смета за премногу тесна или открива делови од телото.
Во протестите што избија поради смртта на Амини, кои иранските власти ги опишаа како „немири“ предизвикани однадвор, беа убиени стотици луѓе, меѓу кои десетици припадници на безбедносните сили, додека илјадници беа уапсени.
Според нацрт-законот, кршењето на правилата ќе биде најстрого казнувано доколку се смета дека се поврзани со непријателски странски сили.
Жените кои ќе го прекршат кодексот на облекување „во соработка со странски или непријателски влади, медиуми, групи или организации“ може да се соочат со затвор од пет до 10 години.
Оние кои ќе бидат видени „полуголи во јавноста“ ќе се соочат и со долги затворски казни.
Жените кои возат автомобил без хиџаб или носат „несоодветна облека“ ќе бидат казнети со пет милиони ирански риали, што е околу 10 евра.
Предлогот предвидува и казни за секој што „промовира голотија“ или „се исмева со хиџаб“ во медиумите.
На сопствениците на бизниси чии вработени го прекршуваат кодексот на облекување може да им биде забрането да го напуштат Иран.