Законот за јавно информирање и медиуми предложен од Владата на Србија не придонесува за решавање на проблемот со неверодостојните медиумски содржини во Србија, кои станаа плодна почва за медиуми кои се пријателски настроени кон Кремљ, објави организацијата „Репортери без граници“.
Репортери без граници ја повикаа Европската Комисија да заземе поцврст став по ова прашање во преговорите со Србија за пристапување во Европската Унија.
Оваа организација преку соопштение наведува дека влијанието на проруските медиумски содржини во Србија не е ништо ново, но дека војната во Украина ја засилила оваа појава.
„Иако владата има голема контрола врз голем дел од српскиот медиумски пејзаж, се чини дека не прави ништо за да го реши проблемот со руската пропаганда преку мерки за поттикнување поверодостојни вести и информации“, рече Павол Салаи, шеф на Европската Унија и Одделот на Репортери без граници за Балканот.
Видете и ова: Гласни критики од Западот по најавата за руски државен медиум во СрбијаРепортери без граници соопштија дека Србија, и покрај тоа што е кандидат за членство во ЕУ која ги забрани руските пропагандни медиуми, продолжува да ја одложува реформата на медиумската регулатива, што е обврска што ја презеде.
„Долгоочекуваниот Закон за информации од јавен карактер и медиуми, кој во моментов е предмет на јавни консултации, на ниту еден начин не го решава проблемот со недостатокот на новинарска етика на српските ТВ канали, а наиде и на жестоки критики од домашните новинарски здруженија“, изјавија од Репортери без граници.
Новинарската организација ја повика Европската Комисија да обезбеди мерките за подобрување на веродостојноста на информациите и за борба против пропагандата, особено руската, да станат дел од пристапните преговори.
Министерството за информации на Србија ги достави на јавна расправа нацрт-законот за електронски медиуми и Законот за информации од јавен карактер и медиуми, во кои се наведува дека тие имаат за цел „да го подобрат системот за информации од јавен карактер“.
Новинарските здруженија во Србија како главни забелешки на овие нацрт-закони го наведоа проширувањето на влијанието на државата врз медиумите и бесмисленоста на улогата на регулаторните тела.