Ниту една нација не може сама да одговори на денешните предизвици, изјави претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден во својот говор на 78-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).
„САД бараат побезбеден, попросперитетен, поправеден свет за сите луѓе, бидејќи знаеме дека нашата иднина е поврзана со вашата“, им рече Бајден на собраните светски лидери.
Тој ја повтори својата поддршка за Украина во одбраната од руската инвазија и ги повика земјите од ОН да застанат заедно против Русија.
Втора година по ред, вели тој, оваа средба е затемнета од сенката на војната, која ја испровоцира Русија.
„Русија верува дека светот ќе се замори и ќе дозволи да ја брутализира Украина без последици. Но, ве прашувам: ако ги напуштиме основните принципи на Повелбата на ОН за да го смириме агресорот, може ли која било земја членка да биде сигурна дека е заштитена? Ако дозволиме Украина да се подели, дали независноста на која било нација е безбедна? Одговорот е не“, рече Бајден.
Тој додаде дека меѓународната заедница мора на оваа „гола агресија“ да ѝ се спротивстави денеска, за утре да се одвратат другите потенцијални агресори.
„Затоа САД, заедно со нашите сојузници и партнери ширум светот, ќе продолжат да стојат со храбриот народ на Украина додека го бранат својот суверенитет и територијален интегритет и нивната слобода“, додаде Бајден.
Во својот говор тој се осврна и на односите на САД со Кина.
„Кога станува збор за Кина, сакам да бидам јасен и доследен. Се стремиме одговорно да управуваме со конкуренцијата меѓу нашите земји за да нема конфликт“, рече американскиот претседател.
Видете и ова: Бајден -Меѓународната заедница мора да и се спротивстави на руската „голата агресија“ врз УкраинаБајден зборуваше и за климатските промени и вештачката интелигенција.
„Од првиот ден од мојата администрација, Соединетите држави ги третираат климатските промени како егзистенцијална закана што тие ја претставуваат не само за нас, туку и за целото човештво“, рече американскиот претседател.
Зборувајќи за вештачката интелигенција, тој рече дека „мора да биде безбедна“ пред да биде објавена во јавноста.
На овогодинешното заседание на Генералното собрание на ОН не присуствуваат лидерите на американските ривали Кина и Русија и сојузниците Велика Британија и Франција.
Тие земји се претставени со високи функционери, што значи дека САД се единствената постојана членка на Советот за безбедност на ОН чијшто највисок лидер е присутен, јавува Гласот на Америка.