Европската Унија треба да спроведе реформи пред да прифати нови земји да се приклучат во блокот од 27 нации до 2030 година, се вели во документот нарачан од експерти од француската и германската влада.
Во извештајот, претставен пред министрите на ЕУ во Брисел на 19 септември, на Советот за општи работи (ГАК) се предлага укинување на ветото односно воведување квалификувано мнозинство наместо консензус се’ до последниот чин во процесот - зачленувањето.
Во него се вели дека ставот на експертите не ја претставува официјалната позиција на владите на Германија и Франција, но се очекува да се искористи за да се иницира дебата за можните реформи на ЕУ.
Во извештајот конкретно се препорачува ЕУ да се придвижи кон преземање на сите свои одлуки со квалификувано мнозинство, наместо да резервира некои области за едногласна согласност.
„Институциите и механизмите за донесување одлуки не беа дизајнирани за група до 37 земји и тие им отежнуваат дури и на 27-те ефикасно да управуваат со кризи и да преземаат стратешки одлуки“, се вели во извештајот.
ЕУ сега бара едногласни одлуки за надворешната и безбедносната политика, даноците, финансиите на ЕУ, како и некои области на правдата, внатрешните работи, социјалното осигурување и заштитата.
Видете и ова: Дали „Европа со повеќе брзини“ ќе забави на Западен Балкан?Овој извештај беше нарачан од францускиот државен секретар за европски прашања Лоренс Бун и нејзината германска колешка Ана Лурман во јануари и беше подготвен од група од 12 независни експерти.
„ЕУ треба да го зајакне својот капацитет за дејствување, уште повеќе со нови членки кои ќе се приклучат на нашата Унија. За таа цел, извештајот дава вредни импулси“, изјави гермнската министерка Лурман.
Осум земји во моментов имаат официјален кандидатски статус во ЕУ, тоа се Србија, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Украина и Турција, иако преговорите со Анкара се во застој со години. Грузија и Косово се потенцијални кандидати за членство.
Во извештајот, во кој имаше увид Радио Слободна Европа, се вели дека ЕУ сè уште не е подготвена да ги пречека новите членки и дека најраниот можен датум е 2030 година.
„Од геополитички причини, проширувањето на ЕУ е високо на политичката агенда, но ЕУ сè уште не е подготвена да ги пречека новите членки, ниту институционално ниту политички“, се вели во извештајот.
Во него е посочено дека за да го врати кредибилитетот, ЕУ треба да си постави цел да биде подготвена за проширување до 2030 година, додека кандидатите за пристап треба да работат на исполнување на критериумите за пристап во ЕУ на овој најран датум за влез.
„Институциите и механизмите за донесување одлуки не беа дизајнирани за група од најмногу 37 земји и како што се моментално конституирани, тие го отежнуваат дури и на ЕУ27 ефикасно управување со кризи и преземање стратешки одлуки“, се вели во извештајот.
Видете и ова: Француско-германски документ за реформа на ЕУ пред проширувањето12-те експерти препорачуваат збир на реформи за зголемување на капацитетот на ЕУ за дејствување, а истовремено зајакнување на владеењето на правото и демократскиот легитимитет на ЕУ.
Во извештајот се препорачуваат и четири различни нивоа на европска интеграција во иднина.
Најдлабоката интеграција би била во внатрешниот круг слично на еврозоната со користење на единствената валута и Шенген зоната за патување без пасоши.
Второто ниво ќе биде самата ЕУ, а сепак поголем круг ќе биде составен од придружни членки кои ќе учествуваат на единствениот пазар на ЕУ за стоки и услуги и ќе се придржуваат до заедничките принципи на ЕУ.
„Конечно, ќе има Европската политичка заедница - форум предложен од Франција што беше лансиран минатата година - како надворешен слој за политичка соработка без да мора да биде обврзан со правото на ЕУ“, се вели во извештајот.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во своето обраќање за состојбата на Унијата на 13 септември рече дека проширувањето на ЕУ е „катализатор за напредок“.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во август изјави дека ЕУ треба да направи „храбар потег“ и да прифати нови членки до 2030 година.