Солзи и гнев на почетокот на судењето против 13 млади велешани, обвинети за сексуална злоупотреба на малолетничка

Кривичен суд Скопје, 19.09.2023

Кривичен суд Скопје, 19.09.2023

Родители, роднини и пријатели од рано утрово пред Кривичниот суд во Скопје чекаа да пристигнат полициските комбиња кои од притвор носеа тринаесетмина велешани сите на возраст од 20 до 30 години. Тројца се обвинети за „трговија со дете“, дел се товарат за кривично дело „полов напад и силување„ а еден и за производство и дистрибуција на детска порнографија. Родителите кои беа присутни таму коментираа дека се „наместени“ и дека правдата ќе излезе на виделина. Ги пречекаа со прегратки и солзи, но и гнев за она што се случува.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Почна судскиот процес против група велешани за сексуална злоупотреба на малолетничка

По почетокот на главната расправа, според информациите од Кривичен суд, еден од обвинетите признал вина и судијата му изрекол двегодишна затворска казна за делото „полов напад врз дете“. До правосилноста на пресудата му е изречен куќен притвор.

Во судницата 6 во која претседател на судечкиот совет беше судијата Осман Шабани атмосферата беше помирна. Пред почетокот на главната расправа беа прочитани сите обвинети со нивните бранители и констатирано дека се присутни и судењето може да почне. Но, дел од адвокатите на момчињата побараа сведочењето на малолетничката за сексуалните злоупотреби и таканаречените забави на кои се случувало ова, да бидат повлечени од докази.

За дел е спорно тоа што таа била сослушувана без нивно присуство, а за дел тоа што распитот се одвивал неколку денови пред воопшто да започне истрага за обвинетите. Еден од адвокатите тврдеше дека има повреда на Законот за кривична постапка бидејќи во делот на правото на одбрана, бидејќи препознавањето на неговиот клиент како учесник во делото било од фотографија без негово присуство.

„Видео, тонскиот запис и записниците од сослушувањето на детето жртва да се издвојат од листата докази. Има две цедеа со сослушувања и записници изработени во февруари и март годинава. Наредбата за истрага на мојот клиент е донесена последниот ден од март, односно неколку денови по изготвување на репродукциите од распитот на девојчето. Тој ниту знаел ниту можел да присуствува и да превземе било какви дејства со што е прекршен ЗКП“, рече Еленко Миланов, адвокат на еден од обвинетите.

Според обвинителката Милица Гаврилова ваквите предлози треба да се отфрлат бидејќи исказот е даден според сите закони и меѓународни конвенции кои ги штитат правата на детето.

„Наводите на адвокатите се неосновани од едноставна причина што испитувањето на девојчето е согласно Законот за правда на децата, но и протоколот за сузбивање на трговијата со луѓе особено на жени и деца на Обединетите нации кои го има потпишано нашата земја во 2000 година. Повторното соочување и навраќање на настаните кои траеле една година би била секундарна виктимизација“, рече обвинителката Милица Гаврилова.

Судијата остана на ставот дека сепак сведочењата на оштетеното девојче кое било злоупотребувано, ќе бидат докази во постапката. И покрај тоа што обвинителката остави можност јавноста да присуствува на судскиот процес освен на рочиштата каде ќе сведочи малолетничката или, ќе се гледаат видео материјалите од забавите каде била сексуално злоупотребувана сепак судијата одлучи целиот судски процес да се води зад затворени врати за новинарите.

Видете и ова: Деца по развод- отуѓени или заштитени?

Ова како што рече е заради потребата од заштита на приватниот живот на обвинетите момчиња, а посебно на жртвата. Се очекуваат лични и интимни детали при сведочењата кои сепак ќе користат при одлучувањето, рече судијата.

Во јануари годинава oбвинителството за гонење организиран криминал и корупција го објави случајот. Во соопштението се велеше дека првоосомничениот, дваесет и петгодишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над детето – жртва им овозможил на останатите осомничени и на други НН лица да вршат полови дејствија со жртвата на трговија со луѓе – по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.

„Тој, во декември 2021 година преку апликацијата Instagram остварил комуникација со четиринаесетгодишното девојче – жртва на трговија со луѓе и по неколку неделна континуирана комуникација преку апликацијата, откако стекнал доверба кај жртвата, ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед.“, пишуваше во соопштението.

Видете и ова: Се повеќе деца онлајн стануваат жртви на сексуални злоупотреби

Според обвинителството забавите се случувале во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите присуствувале повеќемина кои прво конзумирале дрога и алкохолни пијалоци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето.

Обвинение беше поднесено против 15, но двајцата тетовци се спогодија со обвинителството и добија условни казни. Сега од 13 велешани кои седнаа на обвинителна клупа, 12 се во притвор, а еден е во куќен притвор. Дел од обвинетите се соочуваат со минимум 3 годишни затворски казни, додека дел со минимум осум години затвор.