Азербејџан вели дека извршил напад врз „легитимни воени цели“ во отцепениот регион Нагорно-Карабах, нарекувајќи ја кампањата „антитерористичка мерка од локални размери“ откако претходно на 19 септември во две експлозии на мина загинаа шест лица.
Гранатирањето започна веднаш откако Баку ги обвини, како што рече, „ерменските диверзантски групи“ за две одделни експлозии во кои загинаа четворица воени лица и двајца цивили во областите на Нагорно-Карабах контролирани од руските мировници.
„Уште еднаш нагласуваме дека на мета не е цивилното население и објектите на цивилната инфраструктура, туку се уништуваат само легитимни воени цели“, се наведува во соопштението.
Се додава дека за „антитерористичката операција“ биле информирани командантите на рускиот мировен контингент и раководството на Заедничкиот мониторинг центар на Турција и Русија.
Видете и ова: Азербејџан го блокираше ерменскиот конвој за Нагорно - Карабах
Во посебна изјава, Министерството за одбрана во Баку ги обвини „ерменските воени сили“ со седиште во Нагорно-Карабах за гранатирање на азербејџански воени позиции во областа Агдам во близина на отцепениот регион.
Ерменскиот опозициски пратеник Тигран Абрахамиан на Фејсбук напиша дека Азербејџан „лажно го обвини“ Нагорно Карабах за тероризам гранатирајќи воени цели во регионот.
Независниот новинар со седиште во Нагорно-Карабах, Марут Ваниан, за РСЕ потврди дека азербејџанската артилерија „интензивно“ го гранатирала регионот.
Министерството за одбрана на Ерменија издаде соопштение во врска со ескалацијата на ситуацијата во Нагорно-Карабах, во кое се вели дека „од 14 часот по локално време ситуацијата долж границите на Ерменија е релативно стабилна“.
Видете и ова: Нови тензии меѓу Ерменија и Азербејџан за Нагорно КарабахСитуацијата ескалираше во регионот само еден ден откако продолжи испораката на хуманитарна помош за етничките Ерменци во Нагорно-Карабах, откако де факто властите на Нагорно-Карабах се согласија да дозволат помошта обезбедена од Русија да се доставува директно од територијата контролирана од Баку преку патот Агдам.
За возврат, азербејџанските власти се согласија да дозволат истовремена испорака на помош до отцепениот регион преку коридорот Лачин.
Американските и европските лидери го повикаа Азербејџан да го олесни транзитот на хуманитарна помош во опколениот регион, кој се соочува со недостиг од храна, енергија и лекови.
Ерменија и Азербејџан водеа две војни за Нагорно-Карабах, планинска енклава претежно населена со Ерменци, која е меѓународно признаена како дел од Азербејџан. Последната војна траеше шест недели кон крајот на 2020 година и во неа загинаа 7 000 војници од двете страни.