Реформата на основното образование ќе продолжи согласно предвидената динамика, затоа што ги дава очекуваните ефекти, соопштија денеска од Министерството за образование по средбата со претставниците на Синдикатот за образование, наука и култура кои се дел од наставничката фела од областа на географијата и засегнати од третата фаза од спроведувањето на реформата за основно образование.
„Предизвици постојат и тие се надминуваат преку заеднички пристап, а во меѓувреме секоја добронамерна сугестија која би можела да го олесни спроведувањето и да ја подигне нејзината ефикасност и ефективност, е добредојдена“, соопштија од МОН.
Видете и ова: Учебниците доцнат, а ќе чинат 16,5 милиони евра
Оттаму додаваат дека на средбата било потврдено дека реформата е добро конципирана и ќе продолжи да се спроведува со поддршка од сите засегнати страни, а почестите средби и дискусии можат да помогнат во надминувањето на предизвиците кои би можеле да се појават тековно.
„Од страна на министерот за образование и наука Јетон Шаќири беше посочено дека ниту еден наставник нема да биде отпуштен од работа, ниту пак ќе добива помала плата поради интеграцијата на предмети која е предвидена со реформирањето. Секој просветен работник чиј предмет кој го предава се интегрира со други предмети од сродната наука, останува на своето работно место, ќе ја добива платата за полн фонд на часови, а дополнително заедно со СОНК ќе се изнајде и заедничко решение личните примања повторно, по трет пат во период од една година, да бидат значително зголемени“, уверуваат од ресорното министерство.
МОН ги повикува сите други општествени чинители да дадат свој придонес во заложбите за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем.