Сто деведесет и три земји-членки на Обединетите Нации во понеделникот усвоија декларација со која ја потврдуваат нивната посветеност на целите за одржлив развој.
Текстот беше едногласно усвоен на средбата, ден пред почетокот на дискусијата на Генералното собрание на ОН, каде ќе говорат лидери од целиот свет.
Група земји предводени од Русија се заканија дека ќе ја блокираат декларацијата, но на крајот не го сторија тоа.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека декларацијата може да биде клучна за забрзување на напредокот во постигнувањето на целите за одржлив развој.
Видете и ова: ОН издадоа „водич за преживување“ за спречување на климатска катастрофаДекларацијата вклучува обврска за финансирање на земјите во развој и јасна поддршка за пакет стимулации за реализација на целите од најмалку 500 милијарди долари годишно, пишува агенцијата ДПА.
Седумнаесет цели за одржлив развој главно се наменети за искоренување на гладот и екстремната сиромаштија до 2030 година. Целите беа поставени во 2015 година.
Сепак, пандемијата на корона вирусот, војната во Украина и должничката криза во сиромашните земји ја одложија нивната реализација.
Според ОН, доколку работите не се променат, 575 милиони луѓе ќе продолжат да живеат во екстремна сиромаштија, а повеќе од 600 милиони ќе бидат гладни во 2030 година.