Лондонската полиција добила дојава за наводен сексуален напад што се случил пред 20 години, по извештаите во медиумите за обвинувањата против британскиот комичар и актер Расел Бренд.
Бренд беше обвинет од четири жени за силување, напад и емоционално малтретирање во периодот меѓу 2006 и 2013 година, кога беше на врвот на својата слава и работеше за Би-Би-Си, Канал 4 и глумеше во холивудски филмови.
Бренд ги негираше сите обвинувања.
Обвинувањата против него ги објавија Сандеј Тајмс и документарната програма на телевизијата Канал 4.
Наводниот сексуален напад кој бил пријавен во полиција се случил во Сохо во центарот на Лондон во 2003 година. Сè уште не е покрената истрага.
„Полицајците се во контакт со жената и ќе и пружат поддршка“, се вели во соопштението на лондонската полиција.
Ова е нов случај бидејќи наводите изнесени во документарецот против Бренд се засноваат на извештаи од неколку жени за инциденти што се случиле помеѓу 2006 и 2013 година.
Неколку часа пред објавувањето на документарецот, Бренд објави видео во кое ги негира, како што рече, „многу сериозните обвинувања“.
„Овие наводи се однесуваат на времето кога работев во мејнстримот, кога постојано бев во весниците, кога бев во филмовите. И како што пишував за тоа опширно во моите книги, бев многу, многу промискуитетен“, рече Бренд.
Тој додаде дека сите односи што ги имал „биле консензуални“. По објавувањето на информациите за наводните напади, неговата сегашна турнеја беше одложена.