Под мотото „Правда за жртвите“, почна третиот протест по скандалот на Онкологија. Граѓаните се собраa пред Влада, каде скандираа „убијци“, по што се упатија кон Обвинителството.
Пред Владата се одржа и кус перформанс, на кој двајца од учесниците на протестот, облечени како лекари во бели мантили, со маски на поранешниот министер за здравство Венко Филипче и на поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, им лепеа „пари“ и ги бојадисуваа со црвена боја.
Потоа беа запалени фотографии на јавниот обвинител Љубомир Јовески и на други функционери, за кои учесниците на протестот сметаат дека се виновни за овој, но и за други случаи во изминатите години во кои загинаа десетици луѓе.
Пред зградата на Основното јавно обвинителство (ОЈО), учесниците на протестот запалија и свеќи, а на крајот од протестот дел од присутните со јајца гаѓаа кон полицијата и Обвинителството.
„Соберете се да ги избркаме, доста е веќе, не опљачкаа. Сè ни земаа, уште душите да ни ги земат. Па и јас детето ако си го изгубам, што ќе правам. Што чекате, каде сте? “, изјави мајка на пациент на Клиниката за онкологија.
Организаторите истакнуваат дека донесените измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства.
„Нашите барања и ултиматум од овој протест, се истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија, обелоденување на информациите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола“, наведуваат организаторите.
Протестот се случува откако „Фокус“ објави неколку текстови, во кои меѓудругото и тврдења дека на дел од пациентите им биле давани физиолошки раствори, додека скапите лекови против канцерогинете заболувања завршувале на црниот пазар. Организаторите истакнаа дека протестираат и поради признанието на доктор на Клиника за онкологија дека косовски државјани се лекувале како македонски државјани.
Ова е трет протест по ред. Првиот се одржа на 4 септември, а вториот на 11 септември. Граѓани се собираат во 18 часот пред Влада, а потоа се упатуваат кон Обвинителство.
Организаторите размислуваат да го сменат терминот за протест и тој да се одржува во работно време, за како што велат, да ги блокираат нефункионалните институци.
Видете и ова: Случај „Онкологија“: Протестите ќе станат масовни, Обвинителството не сака брзоплета истрагаЗасега, Обвинителството прифати тројца онколошки пациенти цело време да имаат увид во истрагата, а како што соопштија од ОЈО, Обвинителството докази ќе бара и во соседните земји.
Во исто време додека се одржуваше протестот против скандалот на Онкологија, пред Владата се собраа студентите од Правниот факултет поради измените во Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на функцијата.
Видете и ова: Ковачевски контра ЕУ за Кривичниот законик - исти закони имаат европските земјиСтудентите бараат да се почитува правото и повикаа да престане злоупотребата на европското знаменце. Повикуваат и на одговорност. Велат дека измените на Кривичниот законик се нетранспарентни и брзи. Протестот го поддржа и „Студентски отпор“.
Измените што ги предложи власта меѓу другото значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.