Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина не може „да го остави на мир Владимир Путин, претседателот на Русија“ и го повика светот да му се спротивстави на рускиот претседател за да се избегне третата светска војна.
Во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес, Зеленски рече дека западната воена поддршка е клучна за враќање на територијалниот интегритет на Украина.
Зеленски е на пат за Соединетите Држави, каде на 19 септември ќе се обрати пред Генералното собрание на ОН во Њујорк. Собранието доаѓа во време кога Киев тврди дека постигнале успех во контраофанзивата против руската армија, која започна инвазија на Украина во февруари минатата година.
Видете и ова: Зеленски - Украина разви оружје со долг дострелСе очекува два дена подоцна Зеленски да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа.
„Мораме да ја ослободиме нашата територија што е можно повеќе и да одиме напред. Дури и ако е помал од еден километар или сто метри, мора да го направиме тоа“, рече Зеленски во интервјуто емитувано на 17 септември.
„Да летаме на места низ кои не можеме да поминеме со оклопно возило. Ако не можеме да летаме, да испратиме беспилотни летала. Но, не смееме да го оставиме Путин сам“, рече тој.
Украина е речиси целосно зависна од воена помош и опрема од Запад за одбрана од руска инвазија. Киев постојано ги притиска САД и другите сојузници за помоќно оружје, како што се борбените авиони Ф-16, кои би можеле да бидат пуштени во употреба веќе следната година.