Во маркетите ќе бидат означени цените на производите што ќе поевтинат за 10 проценти и што ќе бидат опфатени со владината одлука што се очекува да биде донесена утре, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
„Откако се направени сите анализи и дискусии со стопанските коморите и сите чинители во трговијата излезе идеја да се обележат цените кои ќе бидат намалени од среда. Затоа Министерството за економија, постапувајќи согласно со Законот за трговија, ќе ја дополни одлуката во делот на вршење на трговијата и со одбележување на сите производи кои утре најверојатно ќе бидат наведени на седница на Владата со намалување на цената, која ќе биде минус 10 проценти од изложените цени на 1 август во синџирите на маркетите“, рече денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
Видете и ова: Мерката за намалување на цените - повеќе популизам отколку реален ефектТоа како што рече министерот значи дека секој потрошувач кога ќе оди во супермаркет, ќе има можност да види ознака каде ќе биде наведена гарантирана цена и ќе се знае дека со цените што ќе бидат означени со оваа ознака нема да може да има нагорно зголемување до 30 ноември.
Од друга страна сите производи кои согласно утрешната владина одлука ќе поевтинат за 10 проценти, ќе може да се ставаат и на „акциски“ продажби во маркетите, но по цени пониски од веќе намалените. Доколку, пак, „акцијата“ е поради рокот на траење на производите, тоа ќе мора да биде јасно наведено, односно дека намалувањето на цената е поради истекот на рокот на производот.
Бектеши вели дека утре ќе има мала корекција на одлуката за акциските продажби, а целта е да се спречи секаква измама или манипулација на потрошувачите од страна на трговците.
Видете и ова: Сите посочуваат виновник за високите цени, никој не го санкционираЛистата со производи за кои ќе има замрзнување на цените е веќе завршена и ќе биде доставена утре на седница на Владата. Ќе има обврски и за трговците на мало и за трговците на големо, како и за домашните производители.
Министерот најави и состанок со производителите и дистрибутерите на пијалоци во државава со кои, како што најави, ќе дискустира за вклучување на овие производи во одлуките за поевтинување на педесеттина производи што ги најави Владата.
Тој најави дека задутре ќе почнат засилени контроли од Државниот пазарен инспекторат, а ќе бидат вклучени и членови на Владата во делот на надзорот како се спроведуваат контролите.