Размена на американско-ирански затвореници „за неколку часа“

Тројца од петте луѓе кои Соединетите Држави се надеваат да ги ослободат се (од лево кон десно) Сијамак Намази, Морад Тахбаз и Емад Шарги

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, рече дека размената на затвореници во која ќе учествуваат пет Американци притворени во Иран и пет Иранци притворени во Соединетите Држави ќе се случи „во следните часови“ на 18 септември.

„Од пет ирански државјани во САД, двајца ќе се вратат во Иран, двајца ќе останат во Америка на нивно барање, а едно лице ќе оди во трета земја на нивно барање“, рече тој.

На 11 септември, Соединетите Држави се откажаа од санкциите за да дозволат трансфер на ирански средства во вредност од 6 милијарди долари од Јужна Кореја во Катар, чекор потребен за да се заврши размената.

Видете и ова: САД одмрзнуваат шест милијарди долари за Иран во замена за американски затвореници

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја потпишал одлуката пред две недели, но Конгресот беше информиран подоцна.

Овој потег веројатно ќе предизвика критики против американскиот претседател Џо Бајден од републиканците и другите противници кои тврдат дека договорот ќе ја зајакне економијата на Иран во време кога Техеран ги зголемува заканите против американските воени единици на Блискиот Исток, коментираат светските агенции.

Одлуката на Вашингтон значи дека европските, блискоисточните и азиските банки нема да подлежат на санкции кога парите блокирани во Јужна Кореја ќе бидат префрлени на централната банка на Катар. Одмрзнатите средства ќе бидат наменети за набавка на хуманитарни стоки.