Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага за 33 годишник од Арачиново за обид за убиство и за предизвикување општа опасност. Инцидентот се случил на 11 септември кога осомничениот со својот автомобил „Ленд ровер“ возел со голема брзина по плочникот на трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром.
Двајца случајни минувачи вербално протестирале поради таквото негово однесување. Во моментот кога му укажале дека предизвикува опасност тој го завртел возилото и со голема брзина се упатил кон нив со намера да ги прегази. Успеале да се тргнат, но осомничениот излегол од возилото и со нож ги нападнал.
Видете и ова: Осудените за 27 април „сопка“ за новиот закон за амнестија?„Тие се тргнале, па осомничениот излегол од автомобилот со нож во раката и на двајцата им нанел по четири убодни рани, предизвикувајќи им повеќе тешки телесни повреди. Во тој момент се собрала поголема група граѓани кои почнале да викаат и му се спротивставиле на осомничениот со што го спречиле да го доврши кривичното дело, па тој се вратил во неговото возило и веднаш го напуштил местото“, се вели во соопштението од обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го доврши обиденото кривичното дело.