Шпанската полиција заплени 2,3 тони кокаин поврзан со „балканскиот картел“

Илустрација, запленет кокаин од „Балкански картел“

Шпанската полиција во соработка со американската агенција за борба против наркотици ДЕА заплени 2.300 килограми кокаин, скриен во рибарски брод во близина на шпанскиот град Виго, а уапсени се пет лица припадници на „Балканскиот картел“, соопштено е на веб-страницата на шпанската полиција на 16 септември.

Во акцијата, како што се наведува, уапсени се четворица членови на екипажот на бродот, како и петто лице кое наводно било задолжено да ја прими робата и да ја пренесе на друг брод.

Видете и ова: Oбвинение против нарко картелот во црногорската полиција

Истрагата, наводно, започнала кога агентите дознале дека „неколку поединци кои припаѓаат на балканскиот картел“ имале намера да ја искористат Шпанија како влезна точка за наркотици за дистрибуција низ Европа.

Утврдено е дека транспортот на значително количество дрога од Латинска Америка го подготвувале преку големи бродови во кои ја превезувале дрогата за подоцна да ја префрлат на помали бродови низ кои понезабележливо минува стоката.

Заедничката работа на шпанската полиција со ДЕА овозможила да се идентификуваат лицата кои наводно биле задолжени за примање на кокаинот, се наведува во соопштението.

Во соопштението се наведува и дека во врска со овој случај биле претресени две куќи во градот А Коруња во Шпанија, каде полицијата запленила 200.000 евра во кеш и луксузно возило.

Видете и ова: Приведен наркодилерот од село Грчец, обвинет во истрагата „Планина“

Според Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ), Балканскиот картел, како што се нарекува, е еден од клучните играчи во транспортот на кокаин во Европа.

Српското обвинителство за организиран криминал (ТОК) во мај објави дека е уапсена група лица осомничени за меѓународна трговија со дрога, а шефот на одделот за криминалистичка полиција, Нинослав Цмолиќ, тогаш изјави дека уапсените во Србија се осомничени дека е „најголемиот трговец со кокаин од Балканот“.

Тој тогаш рече дека организацијата „Балкански картел“ била разоткриена со помош на Европол.

Подоцна во мај, во меѓународна полициска акција беа уапсени 37 лица кои се поврзани со „многу насилна“ криминална банда од Западен Балкан, објави Европол, а оваа операција била координирана од Хрватска.