Првото летало на македонската авијација „Илинденка“ беше еден од највпечатливите моменти на свеченоста и аеромитингот кој се одржува денеска на спортскиот аеродром Стенковец, а е по повод 100 години македонска авијација. Илинденка е произведена во фабриката „20 Мај“ во Скопје.
Првиот лет со едрилицата е изведен во 1955 година, а ќе остане запаметена по своето учество на светското едриличарско првенство во Полска, во 1958 година, како дел од тогашната репрезентација на СФРЈугославија.
Премиерот Димитар Ковачевски, им се заблагодари на српските власти за тоа што е овозможено да се претстави првото летало на македонската авијација.
Ковачевски истакна дека денес на годишнината од 100 години македонска авијација со гордост можеме да кажеме дека ние сме НАТО, а нашата следна дестинација е ЕУ.
„Нашиот правец е создавање просперитетна економски силна и европска РСМ. Тоа е единствениот и вистински правец кој ќе обезбеди заслужено етаблирање на нашата земја, која денес е препознаена како кредибилен партнер во трансатлантската заедница , партнер во креирањето и одржувањето регионалниот и светскиот мир, меѓународно признаена како земја со цврст, зацврстен и потврден македонски идентитет , јазик и култура. Онака како што денес заедно ја бележиме нашата историја, така и заедно да бележиме историја и на европската маса и рамо до рамо со нашите сојузници со активностите за обезбедувањето на светскиот мир и безбедност секаде“, рече Ковачевски.
На настанот меѓу гостите се и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ, како и амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Андреа Силвестри.Програмата опфаќа учество на над 30 различни воздухоплови од земјава и странство како и падобранци од нашата земја и од пријатели на клубот од целиот регион.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ рече дека денешниот аеромитинг е јасен показател за интересот на државите, стопанствата и граѓаните од овие подрачја за воспоставување на уште подобри меѓусебни врски, но и за свеста за заедничката одговорност во зачувувањето на мирот и безбедноста како предуслови за забрзан економски и општествен развој.
Видете и ова: SpaceX го одложи дебитантскиот лет на ракетниот систем Starship
„Одбележувањето на 100-годишнината од македонската авијација во Скопје е добра прилика да ги ставиме во погон сите неискористени потенцијали кои без сомнеж постојат за натамошен уште посестран и обострано корисен развој на нашите односи. Нашите две земји имаат братски односи, како и одлична соработка во рамките на иницијативата Отворен Балкан и на другите регионални форуми,“ рече Дачиќ.
Претседателот на Аероклуб Скопје, Дејан Саздовски, истакна дека зачетокот на македонското воздухопловство потекнува од едни микро југословенски простори и поврзано е со целата бивша Југославија од самиот свој почеток која почнала пред 100 години во 1923 година од една мала група ентузијасти поддржани од централната влада во Белград.
Тој нагласи дека земјава има и воздухплов, кој летал и луѓето го употребувале којашто во 60-тите години прекинала со операции, а едно или две од нив завршиле во Депото во Музејот во Белград.
На денешната прослава учествува над 30 различни воздухоплови од земјава и странство како и падобранци од нашата земја и од пријатели на клубот од целиот регион. Специјални гости се авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција, а посебна атракција се двата суперсонични пресретнувачи MIG-29 на Српското воено воздухопловство.
Низ годините во клубот поминале над 3.000 воздухопловни ентузијасти, пилоти, едриличари, падобранци и механичари.