Иранските власти го уапсија таткото на 22-годишна жена чија смрт во затвор пред точно една година предизвика драматични антирежимски протести кои продолжија и покрај бруталната репресија.
Амјад Амини, таткото на починатата Макса Амини, бил приведен на 16 септември пред неговата куќа и одведен на распит во Министерството за разузнавачки служби во неговиот роден град Сагез, дознава Радио Фарда на РСЕ.
Му било кажано дека тој и неговото семејство денеска не смеат да ја напуштат нивната куќа, која беше опкружена од безбедносните сили кои ја блокираа улицата за да спречат јавноста да реагира.
Се чини дека безбедноста е засилена во многу градови низ Иран на првата годишнина од смртта на Макса Амини, по една минатата ноќ на протести насекаде на кои се осудуваше врховниот лидер и се бараат права за жените.
Области на главниот град Техеран и големите градови како Машхад на североисток и Шираз на југ беа преплавени од демонстранти кои извикуваа слогани како „Смрт за диктаторот!“ и "Жена, живот, слобода!"
Смртта на Макса Амини поттикна илјадници Иранци да излезат на улиците низ земјата за да бараат повеќе слободи и права за жените. Масовните немири, кои продолжуваат, претставуваат најголема закана за исламската влада од револуцијата во 1979 година.
Видете и ова: Како смртта на Макса Амини стана повик за бунт на илјадници Иранци?Иранска група за човекови права со седиште во Норвешка соопшти дека во немирите загинале најмалку 587 луѓе, меѓу кои и десетици деца.
Полицијата и безбедносните сили организираа демонстрација на сила во последниве недели и го предупредија семејството на Макса Амини и другите да избегнуваат одбележување на годишнината или ризикуваат сериозни последици.
Сепак, доцна на 15 септември имаше протест во најмалку десетина населби на главниот град и во најмалку 12 други градови.
Веб-страницата за човекови права „Хенгав“ објави дека вооружените трупи на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) биле стационирани околу домот на семејството на Макса Амини во нејзиниот северозападен роден град Сагез, каде што била погребана. Цитираше информиран извор кој вели дека присуството на безбедносните сили вклучувало моторизирани сили на ИРГЦ и голем број војници.
Семејството на Макса Амини, наводно, објавило текст во кој најавува „традиционална и религиозна церемонија“ на нејзиниот гроб, но биле упатени закани и притисок да ја откажат .