Велика Британија и официјално ја забрани руската паравоена група Вагнер како терористичка организација, неколку недели по смртта на нејзиниот основач Еевгениј Пригожин.
Уредбата е одобрена денеска, со што станува незаконски да се биде дел или да се поддржува групата Вагнер.
Оние кои ќе бидат прогласени за виновни дека и помагале на оваа паравоена група, би можеле да се соочат со големи парични казни и казни затвор до 14 години.
Британската министерка за внатрешни работи Суела Бравермен, за време на предлагањето на оваа уредба минатата недела, ја нарече групата Вагнер „закана за глобалната безбедност“.
„Со континуираните дестабилизирачки активности на Вагнер, таа група само продолжува да им служи на целите на Кремљ. Тие се терористи, јасно и едноставно и оваа уредба за забрана на оваа група тоа јасно го покажува во законот на Обединетото Кралство“, изјави тогаш Браверман.
Видете и ова: Вагнер - Погребот на Пригожин се одржа на гробишта во околината на Санкт ПетербургСпоред уредбата, секој поддржувач на оваа група ќе се казнува, а ова вклучува и организирање на состаноци за промоција на нивни активности, искажување на поддршка на целите на оваа група, како и истакнување на нивни знамиња.
Паравоената група Вагнер, која околу 2014 година ја основаше Јевгениј Пригожин, бргу стана клучна алатка на државните руски власти под водство на претседателот Владимир Путин.
Уште од почетокот на руската инвазија во Украина, нејзините борци беа на чело на конфликтот на истокот во земјата. Групата Вагнер беше пресудна во некои од ретките победи на Русија во градовите како што се Соледар и Бахмут.