Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, денеска за медиумите изјави дека последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина која се одржа вчера не донела напредок, бидејќи ЕУ не видела подготвеност на страните да најдат компромис, а земјите членки ќе бидат информирани за ова и информираше дека од нив ќе бидат побарани насоки за тоа како понатаму да им пристапат на партнерите.
Стано на редовниот брифинг за медиумите нагласи дека високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, не рекол дека дијалогот е неуспешен, туку дека последната рунда разговори држани вчера не донела резултат, бидејќи страните не постигнале договор.
„Страните не беа подготвени да ги надминат разликите. ЕУ не е страна во дијалогот, туку посредник, страни се Косово и Србија“, изјави Стано.
Според него, ЕУ им помага на Србија и на Косово да ги премостат разликите, но во тоа не може да биде успешна ако страните одбијат да го следат патот до компромисот и ако некој не сака помош.
„Ние сме во сериозна ситуација и високиот претставник јасно кажа дека Србија и Косово се изложени на ризик да заостанат зад остатокот од регионот во процесот на европските интеграции, бидејќи напредокот во тој процес е тесно поврзан со успешноста на дијалогот“, рече Стано.
Видете и ова: ЕУ го демантира Курти, на страните им претставиле предлог за спроведување на договоротТој кажа дека специјалниот пратеник за дијалог Мирослав Лајчак ќе ги информира земјите-членки за рундата на дијалогот и потоа 27-те земји ќе одлучат како понатаму.
„Унијата е посредник и можеме да постигнеме онолку колку што се подготвени страните да прифатат“, рече Стано.
На прашањето дали Борел смета дека се применети ефективни рестриктивни мерки за Косово, Стано одговори дека не се евидентирани значајни чекори во однос на деескалација на ситуацијата, иако има некои чекори, а се уште постои потенцијал ситуацијата да се влоши.
За потсетување пак, вчера во Брисел се одржа нова рунда дијалог на највисоко политичко ниво, прва по избувнувањето на насилството на северот на Косово на крајот на мај, што дополнително ги затегна односите меѓу Приштина и Белград, како и меѓу Брисел и Приштина.