Августовските цени ќе бидат референтни за поевтинување на производите

илустрација

Цените од 1 август ќе се земат како референтни за најавеното поевтинување на повеќе од 50 основни прехранбени производи во земјава, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Како што истакна Ковачевски, поскапувањето се случувало најмногу после 1 август, затоа е земено и како репер, но тоа не значи дека нема да земат предвид и други елементи.

„Ги анализиравме цените и практично, покачувањето се случува најмногу после 1 август, затоа го земавме како репер. Но, тоа не значи дека нема да се земат предвид и другите елементи, па и јули. Анализата се прави, сметам дека до крајот на викендов ќе биде завршена. Најважно е дека се носи мерка со која ќе бидат прекинати секакви можности за манипулација со промоции на цените и тоа што се одржа состанок на кој трговските ланци изразија волја за намалување на цената за најмалку 10 отсто, како и дека нема да биде земена како рефрентна цената денес, туку цената што се наоѓа во период зад нас“, потенцира Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по почетокот на Скопскиот економски и финансиски форум.

Видете и ова: Сите посочуваат виновник за високите цени, никој не го санкционира

Одлуката за замрзнување на цените на 50 основни прехранбени производи треба да биде донесена на владина седница во вторник идната недела.

Владата вчера одлучи трговците кои вршат трговија на мало на земјоделски и прехранбени производи да не можат да ги ставаат на акција и на промоција, за да се спречи злоупотреба на одделни производи.

Одлуката треба да важи до 30 ноември. Оваа одлука не ги опфаќа алкохолните и безалкохолните пијалаци.

Следната недела, пак, Министерството за економија ќе предложи и замрзнување на цените на производите во прехранбената индустрија.