Официјални претставници на Европската Унија ги отфрлија наводите на косовскиот премиер Албин Курти дека тој е единствениот што излезе со предлогот на последната рунда од дијалогот.
„Изјавата на премиерот Курти дека неговиот предлог е единствениот на маса е едноставно неточна“, изјави официјален Брисел, ден по уште една неуспешна средба меѓу премиерот на Косово и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по средбата изјави дека косовскиот премиер не го прифатил компромисниот предлог на ЕУ.
Курти, пак, рече дека на средбата „ниту српската, ниту бриселската страна немале документи како предлог“.
Извори од Брисел тврдат дека на партиите веќе во јуни им бил претставен предлог редоследот на спроведување на Охридскиот договор и дека специјалниот европски претставник за дијалогот Мирослав Лајчак имал „седум рунди одделни разговори со партиите за овој предлог“.
Но, истите извори кои ги демантираа изјавите на косовскиот премиер не одговорија на новинарските прашања дали ЕУ на средбата одржана на 14 септември излегла со конкретен документ.
Видете и ова: Курти- Заедницата на српски општини не може да биде предуслов за спроведување на ДоговоротДокументот, за кој европската страна тврди дека на јунскиот состанок им бил претставен на партиите, датира од 19 јули.
Во овој документ, до кој новинарите имаа пристап, се предвидува дека процесот на спроведување на договорот за патот кон нормализација на односите ќе започне по почетокот на процесот на преговори за статутот на инструментите за самоуправување на Косово, што практично значи со работа на формирање Заедница на општини со српско мнозинство во Косово.
По ова, како што се наведува во документот, Србија повеќе нема да инсистира на употреба на фуснота или учество на Мисијата на Обединетите нации на Косово (УНМИК) на регионалните форуми. Следниот чекор во процесот би бил страните да не се мешаат меѓусебно во внатрешните работи и да се воздржат од каква било форма на насилство или закани за насилство.
Според предлогот на ЕУ, ќе следи воспоставување инструменти за самоуправување на косовските Срби, по што ќе следи укинување на структурите што ги администрира Србија во Косово и нивна транзиција, по потреба, според истиот инструмент. Потоа би следело признавање на соодветните документи и национални симболи.
Видете и ова: Вучиќ – Разговорите во Брисел завршија неуспешноПо овој чекор, документот предлага да се постигне договор за обврзувачки патоказ за спроведување на соодветните заостанати работи кои произлегуваат од претходните договори за дијалог. Следната точка предвидува официјализирање на статусот на Српската православна црква на Косово, по што би следеле практични аранжмани за размена на постојани мисии.
По ова, според европскиот предлог, Србија не би се спротивставила на членството на Косово во ниту една меѓународна организација, а потоа на Косово би завршиле внатрешните процедури за заштита на српските објекти од верско и културно наследство. На самиот крај се предвидува и отпочнување преговори за правно обврзувачки договор за сеопфатна нормализација.