Соединетите Американски Држави (САД) воведоа санкции за пет турски компании и еден турски државјанин, обвинувајќи ги дека и помагаат на Русија да ги избегне санкциите и ја поддржуваат Москва во нејзината војна против Украина.
Санкциите, воведени на 14 септември, таргетираат бродски и трговски компании, кои се обвинети дека помагале во поправка на санкционирани бродови поврзани со руското Министерство за одбрана и за помагање за пренос на „стоки со двојна употреба“.
Овој потег е дел од поголем пакет мерки со кои се воведуваат нови санкции кон Русија насочени кон повеќе од 150 компании и поединци, вклучувајќи го и најголемиот руски производител на автомобили.
Акцијата доаѓа во деликатно време за односите меѓу САД и Турција, при што Вашингтон се надева дека Анкара ќе го ратификува членството на Шведска во НАТО кога турскиот парламент повторно ќе се состане на почетокот на октомври.
Соединетите Американски Држави и нивните сојузници воведоа огромни санкции кон Русија, по февруари 2022 година, но каналите за снабдување од Турија, соседот на Русија на Црното Море, останаа отворени. Тоа го натера Вашингтон да издава повеќекратни предупредувања за извоз на хемикалии, микрочипови и други производи што Москва може да ги користи во своите воени напори.
Неколку високи американски функционери, вклучително и заменик-секретарот за финансии Воли Адејем, отпатуваа во Турција како дел од кампањата за притисок за да се спречи било која турска компанија да и помогне на Русија да ги заобиколи американските ограничувања.
„Во изминатите 18 месеци, ја споделувавме нашата загриженост со турската влада и приватниот сектор и ги информиравме за значителните ризици од водење бизнис со оние што ги санкциониравме, а се поврзани со руската војна“, изјави за Ројтерс, висок претставник на американското Министерство за финансии, кој побара да биде анонимен.
Засега нема коментар од турската влада.
Американското Министерство за финансии во соопштението соопшти дека вовело санкции за Маргини Инсаат Дис Тикарет и за Демирџи Билисим Такарет Санаји. Се наведува дека првата компанија извршила стотици испораки на санкционирани руски субјекти кои се дел од синџирот на снабдување за производство на воени дронови користени во украинската војна, додека втората испратила сензори и мерни алатки во Русија. Ројтерс не можеше да ги исконтактира компаниите за коментар.
Американскиот Стејт департмент воведе санкции и за „Денкар Шип Констракшн“ поради обезбедување услуги за поправка на бродови на компанија поврзана со руското Министерство за одбрана. Нити од оваа компанија немало коментар.
Стејт департментот, исто така, ги санкционираше и турската агенција за бродови ИД и нејзиниот сопственик Илкер Догрујол, како и ЦТЛ Лимитед, за која Стејт департментот рече дека е посредник кој доставува електронски компоненти од американско и европско потекло за компаниите во Русија. Ниту компаниите, ниту Доргујол не коментирале за санкциите.
Поширокиот пакет санкции ги таргетира руската индустрија, поморскиот сектор и добавувачите на технологија, како и објектите за производство и поправка на руски системи за оружје.
Меѓу санкционираните се и најголемиот руски производител на автомобили, Автоваз и ГАЗ Груп, уште еден производител на автомобили. Автоваз одби да коментира.