Курти- Заедницата на српски општини не може да биде предуслов за спроведување на Договорот

Брисел - Косовскиот премиер Аlбин Курти по средбата во Брисел со европските претставници и претседателот на Србија Александар Вучиќ, 14 септември 2023 година.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека не може да прифати дека Заедницата на општини и нејзиното формирање се предуслов за извршување на Договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Тој рече дека на средбата во Брисел бил единствениот што предложил нешто.

„Јас предложив патоказ како да се имплементира договорот од Брисел и анексот за спроведување од Охрид. Ниту од српска, ниту од бриселска страна немаше документи како предлог“, изјави Курти.

Тој додаде дека ЕУ „само го усвои условувањето на Србија“.

Лидерите на Србија и Косово во февруари постигнаа договор за нормализација на односите во Брисел, додека во март, во Охрид, договорија анекс за негово спроведување.

Курти посочи дека ова е прва средба на која тој и претседателот на Србија разговарале за спроведувањето на Договорот за нормализација на односите.

Наведе и дека Србија никогаш не доставила патоказ за спроведување на договорот, туку, како што рече, доставила документ со кој се условува дека најнапред мора да се формира Заедницата на српски општини.

„Сите договори од Брисел се во рамките на членот 10 од Договорот што го постигнавме. Нема да негирам дека овие договори постојат и сите оние кои се обврзувачки и валидни мора да се спроведат, но тоа е член 10 од Договорот што го постигнавме“, рече Курти.

Тој додаде дека секогаш бил подготвен да разговара за Заедницата на општините со мнозинско српско население.

„Но, за нацрт-статутот на Заедницата на општини не може да се преговара ако прво не се договориме за патоказот за спроведување на Договорот“, изјави Курти.

Во Брисел се одржа нова рунда дијалог на највисоко политичко ниво, прва по избувнувањето на насилството на северот на Косово на крајот на мај, што дополнително ги затегна односите меѓу Приштина и Белград, како и меѓу Брисел и Приштина.

Видете и ова: Борел – Курти не беше подготвен за исчекор

По средбите високиот претставник на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел, изјави дека косовскиот премиер Албин Курти не беше подготвен да направи чекор напред и дека не сака да прифати формирање Заедница на општини со српско мнозинство.

Видете и ова: Вучиќ – Разговорите во Брисел завршија неуспешно

Претходно претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека разговорите во Брисел завршиле неуспешно. Тој рече дека Србија го прифатила компромисниот предлог на ЕУ, но дека Курти не го сака тоа.