Борел – Курти не беше подготвен за исчекор

Архивска фотографија - Српскиот претседател Александар Вучиќ, шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, специјалниот пратеник Мирослав Лајчак и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, Белгија, 27 февруари 2023 година.

„За жал, косовскиот премиер Албин Курти не беше подготвен да направи чекор напред“, изјави високиот претставник на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел, по средбата на европските претставници со лидерите на Србија и на Косово.

Во Брисел се одржа нова рунда дијалог на највисоко политичко ниво, прва по избувнувањето на насилството на северот на Косово на крајот на мај, што дополнително ги затегна односите меѓу Приштина и Белград, како и меѓу Брисел и Приштина.

Борел изјави дека Курти не сака да прифати формирање Заедница на општини со српско мнозинство.

Според Борел, Курти рекол дека првиот чекор треба да биде признавањето на Косово како независна држава.

Борел рече дека двете страни имаат спротивставени позиции, дека Курти најпрво сака политички аспект на нормализацијата, додека Србија сака да започне со формирање на Заедницата на српски општини.

„Затоа го предложивме она што денес го гледаме како единствено можно решение – овозможување на тоа двата процеси да се одвиваат паралелно“, рече Борел.

Борел предупреди и дека ситуацијата на северот на Косово сè уште не е смирена и побара од двете страни да преземат чекори за нејзина деескалација.

„Денеска апелираме до двете страни веднаш да преземат акција на северот на Косово за да се деескалира ситуацијата, да се избегне каква било идна дестабилизација и веднаш да се овозможат локални избори. Не можеме да седиме и да ја чекаме следната криза“, рече Борел.

Видете и ова: Вучиќ – Разговорите во Брисел завршија неуспешно


Тој истакна дека ова е моментот кога ЕУ се стреми кон проширување. Сепак, тој нагласи дека за Косово и Србија единствениот начин за влез во ЕУ е преку дијалог.

„Без нормализација нема да има европска иднина ниту за Косово, ниту за Србија“, рече Борел.

Претходно претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека разговорите во Брисел завршиле неуспешно. Тој рече дека Србија го прифатила компромисниот предлог на ЕУ, но дека Курти не го сака тоа.