Условите во затворите се мизерни, катастрофални и супстандардни, соопшти Министерството за правда, откако министерот Кренар Лога го посети најголемиот затвор во земјава, Идризово, во близина на Скопје.
„Пренатрупаност, затвореници спијат на под, нема соодветна здравствена заштита, нема соодветни санитарии, искршени кревети, мувлосани ѕидови. Овие услови докажуваат зошто ни е потребен итно закон за амнестија, со кој барем минимално ќе се растоварат капацитетите“, соопшти Министерството за правда.
Министерот за правда го придружувале претседателот на Анкетната комисија за заштита на човековите слободи и права, Халил Снопче и директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ, во присуство на директорот на Идризово, Зоран Јовановски.
Од Министерството бараат поддршка од пратениците за Законот за амнестија.
Видете и ова: Осудените за 27 април „сопка“ за новиот закон за амнестија?Новиот предлог закон за амнестија ќе се однесува на околу 250 затвореници од вкупно 2.345 осудени лица кои ги издржуваат затворските казни во сите затвори во земјата, велат од Управата за извршување санкции за Радио Слободна Европа. Според нивните податоци, во македонските затвори има легла за само 2.113 луѓе, а нив се сместени 2.345 осуденици. Дополнително во нив се сместени и над 260 луѓе опфатени со мерката притвор, како и 20 малолетници кои го прекршиле законот.