Вучиќ – Разговорите во Брисел завршија неуспешно

Белгија -- Српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, 14 септември 2023 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека разговорите во Брисел завршиле неуспешно во смисла на изнаоѓање јасен пат кон нормализација на односите.

„Србија го прифати компромисниот предлог на ЕУ“, рече Вучиќ, додавајќи дека косовскиот премиер Албин Курти не го сака тоа.

Во Брисел се одржа нова рунда дијалог на највисоко политичко ниво, прва по избувнувањето на насилството на северот на Косово на крајот на мај, што дополнително ги затегна односите меѓу Приштина и Белград, како и меѓу Брисел и Приштина.

„Ние мораме да продолжиме да разговараме“, рече претседателот на Србија.

Вучиќ, во изјава за новинарите по средбата, изјави дека компромисниот предлог е прво да се разговара за Заедницата на општини со српско мнозинство.

„Да видиме дали има кредибилен процес, ако има и се движиме кон формирање на Заедницата, би почнале паралелно да си ги вршиме обврските, но другата страна не го прифати“, изјави претседателот на Србија.

Формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство беше договорено со Бриселскиот договор што двете партии го постигнаа во 2013 година.

Официјална Приштина одбива да ја формира Заедницата со образложение дека тоа не е во согласност со законите на Косово, односно дека не се можни моноетнички здруженија. Формирањето на Заедницата на српски општини го бараат Европската унија и САД.

Запрашан дали се зборувало за избори на северот на Косово, Вучиќ рече дека „ќе даде сè од себе“, доколку градоначалниците од албанска националност во четири општини поднесат оставки, за да разговараат со Србите за учество на тие избори.

„Не можам да ветам во име на Србите, но реков дека ќе дадам сè од себе“, изјави Вучиќ, но додаде дека сега нема смисла да се зборува за тоа.

Видете и ова: Во Брисел нова рунда разговори од дијалогот меѓу Косово и Србија


Се очекува европските претставници и премиерот на Косово да дадат изјави за исходот од средбата.

По билатералните средби на европските претставници со лидерите на Србија и Косово, во Брисел се одржа трилатерална средба, по што повторно има билатерални средби.

Лидерите на Србија и Косово во февруари постигнаа договор за нормализација на односите во Брисел, додека во март договорија анекс за негово спроведување во Охрид.