ОЈО: Обезбеден е обемен доказен материјал за случајот „Онкологија“

илустрација

Тим од јавни обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство Скопје преземаат дејствија за испитување на наводите кои првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија, соопштија денеска од ОЈО.

Од оваа институција велат дека до овој момент од Клиниката е обезбеден обемен доказен материјал и документација која веќе е предмет на анализа.

„Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите“, велат од ОЈО.

Оттаму додаваат дека надлежните јавни обвинители извршиле распит на повеќемина вработени на Клиниката за онкологија, како и на двајца експерти. Дополнително, додаваат дека во тек се распити и на 20-тина пациенти кои до овој момент доброволно се јавиле на телефонската линија на Основното јавно обвинителство Скопје за да и помогнат на истрагата со свои сознанија.

Од ОЈО информираат дека во насока на целосно расчистување на настанот се координираат со Министерството за внатрешни работи, кое по наредба на јавниот обвинител врши анализа на компјутерските податоци одземени при извршените претреси на три локации.

„Единицата за финансиски истраги при МВР е задолжена да изврши финансиска истрага, а определени дејствија се побарани и од Управата за финансиско разузнавање. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, согласно своите надлежности, треба да изготват и да достават извештаи за работата на Клиниката“, се наведува во денешното соопштение од ОЈО.

Видете и ова: Случај „Онкологија“: Протестите ќе станат масовни, Обвинителството не сака брзоплета истрага

Неформалната група пациенти од Клиниката за онкологија вчера до ОЈО Скопје доставила список од тројца директни пациенти и еден близок на пациент на Клиниката кои би биле вклучени и би добиле директен увид во сите докази прибрани во текот на постапката, а во текот на денешниот ден, јавните обвинители ќе ги контактираат тие лица за да ги повикаат во Обвинителството да потпишат изјави за тајност и да ја договорат динамиката на активностите.

На 4-ти септември Обвинителството отвори предистражна постапка за Клиниката за онкологија, а беше извршен претрес во Клиниката и на уште две локации во приватни станови во Скопје, од каде информираа дека се одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.

Истрагата на Клиниката уследи откако неделникот „Фокус“ на 17 август објави текст за разработена криминална бизнис мрежа на скопската Клиника за онкологија за препродавање на лекови. Во текстот беше наведено и дека во оваа шема биле вклучени повеќе доктори и медицински персонал на клиниката.