Сѐ уште трае предистражната постапка за случајот со ископаниот тунел за бегство во затворот Идризово. Ова значи дека во оваа фаза, нема осомничени, а од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје велат се испитува дали и на кои страни има вклученост во случајот.
„Случајот се наоѓа во предистрага. Се постапува по предметот и дадени се насоки до Министерството за внатрешни работи. Ако се утврди инволвираност и на затворската полиција, во предметот ќе се вклучи и Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, велат од ОЈО ГОКК за РСЕ.
Веста дека е откриен тунел во „Идризово“ на 21 март годинава ја соопштија од Министерството за внатрешни работи наведувајќи дека спречиле организирано бегство на група од најмалку осум луѓе осудени на затворски казни од 10 години до доживотен затвор.
Видете и ова: Како е ископан тунелот за бегство од најголемиот македонски затвор
Како што тогаш соопшти МВР, тунелот бил долг 40 метри лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда позади која се наоѓа женското одделение на затворот. Тоа било во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот, на длабочина од околу 1 метар и во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули.
Овие денови актуелен е сличен случај во Црна Гора каде бил пронајден ископан тунел од Вишиот суд во Подгорица до стан. Откако во понеделникот службениците на црногорскиот Виш суд откриле дупка на ѕидот на депото на таа институција, каде се чуваат доказите, ја алармирале полицијата.
Црногрскиот премиер Дритан Абазовиќ соопшти дека мотивот за копањето на тунелот е обидот на нарко картелот да ги контаминира доказите против нив во депото, за што се сомнева дека имале помош од судот. По откривањето на тунелот, претседателот на Вишиот суд Борис Савиќ изјави дека „речиси ништо од документите во депото не недостасува“.