На Крим се случила голема експлозија, а сообраќајот преку мостот што го поврзува украинскиот полуостров со Русија е запрен рано на 14 септември, бидејќи руското Министерство за одбрана тврди дека спречило уште еден напад со украинско беспилотно летало.
Голема експлозија се случила и во рускиот град Саратов на илјада километри од украинската граница, каде се наоѓа воздухопловната база Енгелс.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека 11 украински беспилотни летала биле уништени над Крим.
Видете и ова: Пристаништето кај Одеса повторно цел на руски нападиМинистерството, исто така, тврди дека спречило напад на пет украински подводни беспилотни летала врз патролниот брод Сергеј Котов во Црното Море.
Претходно, руската војска и новинските агенции објавија дека руските противвоздушни единици собориле наводни украински беспилотни летала над Брјанск и Белгород, два региони во јужна Русија кои граничат со Украина. Нема информации за жртви или штети.
Последните напади доаѓаат еден ден откако два руски воени брода беа сериозно оштетени во голем украински воен напад врз база за поправка на бродови во Севастопол на Крим, главната база на руската Црноморска флота.