Министерството за економија најави замрзнување на цената на храната

Архивска фотографија, Министерот за економија Крешник Бектеши и премиерот Димитар Ковачевски во маркет

Забрана да се нуди акциска и промотивна продажба од страна на сите синџири на трговци во државата до 30 ноември е предлогот на Министерството за економија до Владата, Министерот за економија Крешник Бектеши најави и дека од од следната недела ќе предложи и замрзнување на цените на производите во прехранбената индустрија.

Според него тоа ќе доведе до линеарно намалување на цените на прехранбените производи за минимум 10 отсто, а можно е и со одлуката што ќе се донесе во вторник на владина седница да се предвиди уште поголемо намалување на цените.

Трговците, како што кажа Бектеши, нема да знаат со кој датум ќе бидат замрзнати цените и на тој начин нема да можат претходно да ги поскапат производите. Замрзнатите цени ќе важат откако ќе бидат објавени во Службен весник.

„Сите анализи покажуваат дека нема основ за зголемување на цените на основните прехранбени производи и од страна на трговците, но и од страна на производителите, имајќи го предвид намалувањето на цените на светските берзи“, рече Бектеши по работниот состанок со раководителите на подрачните одделенија на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Видете и ова: Сите посочуваат виновник за високите цени, никој не го санкционира

Најави дека утре Министерството за економија ќе достави толкување на Законот за потрошувачите до директорот на ДПИ, со кои освен глоби ќе има и затворање и забрана за вршење дејност за супермаркетите и за трговците со прехранбени производи кои нема да ги почитуваат мерките.

Од крајот на 2019 година, како што кажа, берзанските цени се зголемени за 23,3 отсто на светско ниво, а кај нас за 47 отсто.

„Веќе нема да постојат џентлментски договори, туку ќе има конкретни и концизни одлуки кои мора да се почитуваат од сите што вршат трговија, а воедно и од производителите на основните прехранбени производи. Нема веќе да се преговара и овие ќе бидат конечни одлуки. Освен глоби уверен сум дека ќе има и затворање на одредени субјекти ако не ги почитуваат мерките“, истакна Бектеши.

Мерките што сега се носат на предлог на Министерството за економија, како што кажа, се разликуваат од антикризните мерки кои имаат финансиски импликации.

Додека на светските берзи цените на храната паѓаат, во земјава и натаму континуирано растат. Државата со месеци утврдува кој е „виновен“ - Дали се тоа производителите или трговците. Одговори се чекаат од Државниот пазарен инспекторат кој најави дека ќе објави анализа за растот на цените на барање на Министерството за економија. Периодов најголем раст има на цените на млечните производи според официјалните статистички податоци.