Северна Кореја ѝ вети на Русија „целосна и безусловна поддршка“

Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во среда на рускиот космодром Восточни

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун по разговорите со рускиот претседател Владимир Путин на денешната средба на 13 септември понудил „целосна и безусловна поддршка“ од неговата земја да ги брани, како што рече, безбедносните интереси на Русија, очигледно повикувајќи се на целосната инвазија на Москва на Украина.

Ким, исто така, ги нарече односите на Северна Кореја со Русија „прв приоритет“, по разговорите во рускиот космодром Восточни.

Вашингтон изрази загриженост дека Путин ќе го искористи состанокот за да изврши притисок врз Ким за испорака на оружје за да ги надополни сè помалите руски залихи. Путин и Ким се усогласуваат наспроти одвоените, засилени конфронтации на нивните земји со Западот.

Состанокот се случи неколку часа откако Северна Кореја истрела две балистички ракети кон морето, соопштија јужнокорејските власти.

Средбата на двајцата лидери траеја четири до пет часа, по што Ким си замина, објави руската државна новинска агенција РИА Новости.

Северна Кореја може да има десетици милиони застарени артилериски гранати и ракети со советски дизајни кои би можеле да и дадат огромен поттик на руската армија во Украина, велат аналитичарите.

Видете и ова: Ким и Путин разговараат за „сите прашања“


Официјалните фотографии покажаа дека Ким бил придружуван од Пак Тае Сонг, претседател на севернокорејскиот комитет за вселенска наука и технологија, и воениот адмирал Ким Мионг Сик. Според јужнокорејските власти и двајцата придружници на Ким се повразни со напорите на Северна Кореја да набави шпионски сателити и подморници со балистички ракети кои можат да носат нуклеарно оружје.

Се очекуваше Ким да побара економска помош, како и воена технологија. Претходно, рускиот заменик-министерот за надворешни работи Андреј Руденко рече дека Русија може да разговара за хуманитарна помош со севернокорејската делегација, јавуваат руските новински агенции.

Договорот за оружје би ги прекршил меѓународните санкции што Русија ги поддржуваше во минатото.

„Ниту една земја-членка на ОН не треба да ги прекршува санкциите на Советот за безбедност против Северна Кореја со вклучување во нелегална трговија со оружје и секако не смее да се вклучи во воена соработка со Северна Кореја што ги поткопува мирот и стабилноста на меѓународната заедница“, изјави портпарол на Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја Лим Со-Сук.

Соединетите Држави ја обвинија Северна Кореја дека и обезбедува на Русија оружје, вклучително и продажба на артилериски гранати на руската платеничка група Вагнер. И руските и севернокорејските власти ги негираа таквите тврдења.

Видете и ова: Оружјето во фокус на разговорите меѓу Ким Јонг Ун и Путин во Русија


„Ја повикуваме [Северна Кореја] да се придржува до јавните обврски што ги презеде Пјонгјанг да не и обезбедува или продава оружје на Русија“, рече портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон во претходното соопштение.

Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по разговорите Путин-Ким изјави дека Русија и Кина ќе се откажат од санкциите против Северна Кореја воведени за да ја ограничи нејзината нуклеарна програма, наведувајќи дека мерките против Пјонгјанг биле одобрени од Русија и Кина во „апсолутно различна геополитичка ситуација“.

Меѓународните санкции против Северна Кореја поради нуклеарната програма на Пјонгјанг беа воведени по нејзиниот прв нуклеарен тест во 2006 година. Пекинг сè уште не ја коментираше изјавата на Лавров.