Трет обид за избор на член на Судски Совет

Судски совет

Судскиот совет одлучи да распише трет оглас за избор на член на Советот од редот на врховните судии, откако на претходниот не се пријавил ниту еден кандидат.

На денешната, седница, Советот информираше дека на вториот оглас не се пријавил никој од редот на врховните судии по што повторно донесе одлука за објавување на Оглас за избор на еден член на Судскиот совет на РСМ од редот на судиите од Врховниот суд на РСМ.

Од редот на врховните судии во Судскиот совет претходно беше судијката Мирјана Радевска-Стевкова, која даде оставка поради случувањата во Советот за кои во јавноста имаше многу реакции.

На првиот оглас по оставката на Радевска-Стевкова, беше избран судијата Наќе Георгиев кој мораше да поднесе оставка на денот на заклетвата во Собранието, бидејќи во истиот момент неговиот син требаше да биде избран за судија, по што беше пуштен нов оглас на кој што не се пријави никој.

Видете и ова: Судијата Наке Георгиев поднесе оставка од Судски Совет

На седницата на Советот беше разгледан и извештаjот од работна посета на Апелационен суд Штип со предлог за донесување одлука за објавување Оглас за избор на судии во овој суд.

Предвидено е и да се формира Комисија на известители по поднесено барање за утврдување одговорност на судија/претседател на суд и донесување на Одлука за измена на член на Комисија на известители по поднесено барање за утврдување одговорност на судија/претседател на суд.