Унгарија се согласи со Романија, Словачка и Бугарија да воведе забрана за увоз на жито од Украина за да им помогне на тие земји да ги заштитат своите пазари доколку Европската Унија не ја продолжи забраната што истекува на 15 септември, рече во средата (13-ти септември) унгарскиот министер за земјоделство.
Унгарскиот министер за земјоделство Иштван Наѓ преку објава на Фејсбук рече дека новата забрана во таа земја ќе опфати поширок асортиман на украински производи од сегашните мерки.
„Со моите романски, словачки и бугарски колеги се договоривме дека доколку Брисел не донесе одлука за продолжување на постојниот мораториум, тогаш поединечно ќе преземеме национални мерки“, рече Наѓ.
Покрај Унгарија, еднострана забрана за увоз на жито и други земјоделски производи од Украина најави и Полска.
Во меѓувреме, бугарскиот премиер Николај Денков пред почетокот на владината седница за бугарската државна новинска агенција изјави дека е пожелно да се укине забраната за увоз од Украина бидејќи тоа ќе ги намали цените на основната храна.
„Да бидам јасен, обновувањето на увозот од Украина ќе ги намали цените на основните прехранбени производи, ќе ја намали инфлацијата, што ќе им помогне на луѓето со ниски приходи и ќе ги зголеми буџетските приходи од увоз и извоз“, рече Денков.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Комитетот на бугарскиот парламент во вторник усвои предлог-одлука Бугарија да ја укине забраната за увоз на одредени производи од Украина по 15 септември. Конечната одлука ќе биде донесена на пленарна седница на парламентот.
Украина е целосно зависна од алтернативните рути во Европската Унија за извозот на жито, откако Русија во јули се повлече од договорот со кој се дозволува украинското жито безбедно да се извезува преку пристаништата на Црното Море.
Како последица на тоа, земјоделците во источните членки на Европската Унија – Полска, Унгарија, Романија, Бугарија и Словачка, се соочија со поголема конкуренција и тесни грла на нивните пазари.
Русија вели дека ќе се врати на Црноморскиот договор за жито само доколку се исполнат нејзините услови за извоз на жита и вештачки ѓубрива.
Во мај, Европската Комисија објави „привремени превентивни мерки“ со кои ќе се забрани продажбата во Полска, Унгарија, Романија, Бугарија и Словачка, додека се дозволува транзит на пазарите надвор од ЕУ, главно во Африка.