Соединетите Држави побараа од Косово и Србија, пред следната рунда од дијалогот најавена за 14 септември, да се обврзат на конкретни обврски во врска со договорот за нормализација на односите меѓу двете страни, како и анексот за негово спроведување, изјави заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар.
Американскиот дипломат рече дека во неодамнешниот телефонски разговор не добил гаранции од Албин Курти дека е посветен на спроведувањето на договорот за нормализација и неговиот анекс, како што објави косовскиот премиер на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер.
„А тоа, кога станува збор за косовската страна, значи претставување на Нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство. Курти не се обврза да го направи тоа. Во суштина, она што се обврза да го направи е да присуствува на состаноците во Брисел и ништо повеќе“, рече Ескобар во интервју за српскиот и албанскиот сервис на Гласот на Америка.
Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) соопшти дека премиерот на Косово и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четврток во Брисел ќе се сретнат со посредниците во дијалогот, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел и специјалниот посредник Мирослав Лајчак, а теми на разговор ќе бидат имплементацијата на Договорот за патот кон нормализацијата, како и актуелни прашања.
Видете и ова: Џозеф: Вучиќ и Курти имаат корист од кризата на KосовоЕскобар рече дека веќе се видливи последиците што би можеле да настанат доколку Косово и Србија ја пропуштат можноста за нормализирање на односите.
„Зборуваме за мерките што ги воведе Европската Унија, кои се рефлектираат во неможноста за напредок во некои механизми на пристапниот процес кои се доста сериозни. Иако Косово ги означува како санкции, тоа не се вистински казнени мерки. За Србија исто така би било многу слично“, изјави Ескобар.
Кога станува збор за Косово, се работи и за можности за нови признавања, донаторски конференции, стратешки билатерален дијалог со САД и блиски односи со НАТО, додаде тој.
„За жал, ако нема напредок - сето тоа ќе се пропушти оваа година. Ќе биде многу слично за Србија. Мислам дека Европската Унија ќе сака да види јасни сигнали за интерес за спроведувањето на договорот за нормализација како што сметаат колку Србија напредуваше во пристапниот процес“, прецизира Ескобар.
Според него, САД продолжуваат силно да го поддржуваат дијалогот што го води Европската Унија.
Американскиот дипломат рече дека Охридскиот договор што го постигнаа страните е многу широк и историски, дека е вистински договор за нормализација според европските стандарди и можност за напредок бидејќи двете земји можат да го усогласат интегративниот процес со европски структури. Тој исто така посочи дека е неопходно да се надминат сите предизвици кои се присутни од март и изрази уверување дека тоа е можно.
Тој посочи дека САД се загрижени поради недоволната координација на Косово во однос на употребата на специјалните полициски единици, експропријацијата и планираното иселување на некои од институциите од владините згради предводени од Србите.
Одговарајќи на прашањето дали најавите дека наскоро ќе има избори во Србија би можеле да влијаат на евентуалниот договор меѓу Косово и Србија, Ескобар рече дека тоа не треба да се случи.
„Договорот не го постигнаа Вучиќ и Курти, туку Србија и Косово. Договорите остануваат на сила без разлика кој е на власт“, рече тој.
Според него, потребна е политичка волја од двете страни за спроведување на нивниот дел од веќе постигнатиот договор, а тоа се правно обврзувачки договори за чие спроведување се одговорни поединци и влади.