Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во среда на рускиот космодром Восточни за да „разговараат за сите прашања“, според рускиот лидер.
„Ќе разговараме за сите проблеми, полека. Има време“, рече Путин, одговарајќи на прашањето дали на дневен ред ќе биде воено-техничката соработка, пренесува руската новинска агенција РИА.
На прашањето дали Москва ќе му помогне на Пјонгјанг во изградбата на сателит, тој одговори: „Затоа дојдовме во космодромот Восточни“.
„Лидерот на Северна Кореја покажува голем интерес за ракетната технологија и тие се обидуваат да развијат вселенска програма“, рече Путин.
Ким пак му рекол на Путин дека има целосна поддршка во „светата борба“ што Москва ја води „против хегемонистичките сили“.
„Ние секогаш ќе ги поддржуваме одлуките на претседателот Путин и руското раководство и ќе бидеме заедно во борбата против империјализмот“, му рекол Ким на Путин,
Самитот меѓу лидерите на двете земји, кои се повеќе се изолирани на меѓународно ниво, внимателно го следат Вашингтон и неговите сојузници, кои се сомневаат дека Путин и Ким би можеле да се договорат за трговија со оружје и одбранбена технологија.
Одлуката да се сретнат на космодромот Восточни - симбол на амбициите на Русија како вселенска сила е значајна, бидејќи Северна Кореја во изминатите четири месеци не успеа два пати да лансира сателити за надзор.
Ким го постави лансирањето на шпионски сателит главен приоритет, истовремено инсистирајќи неговата нуклеарно вооружена земја да го забрза развојот на балистички ракети, беспилотни летала и нападни подморници.
Од друга страна, Ким би можел да и понуди на Русија артилериска муниција од големите залихи на Северна Кореја, што би можело да ги зајакне руските капацитети на краток рок, иако прашањата за квалитетот на муницијата може да го ограничат неговото влијание, велат воените аналитичари.
Северна Кореја е една од ретките земји што отворено ја поддржа Русија во војната во Украина, а Путин минатата недела вети дека „планирано ќе ги прошири билатералните врски во сите аспекти со здружување на напорите“.
Официјалната севернокорејска централна новинска агенција КЦНА објави дека Ким рано во вторникот пристигнал во Хасан, населба појужно на реката Тумен во рускиот Приморски крај, каде што се спојуваат границите на Русија, Кина и Северна Кореја.
КЦНА објави дека Ким патувал во неговиот личен, оклопен воз, придружуван од членови на владејачката партија, владата и војската.